Ховениер: Приштина сепак има право да поставува услови за српски избори во Косово

од Radmila Tasevska

Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер изјави дека Соединетите Американски Држави не го промениле ставот во однос на одржувањето на српските избори на територијата на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Ховениер денеска за телевизијата Клан Косова изјави дека Вашингтон е разочаран што Владата на Албин Курти ја прекинала практиката да се одржува гласањето на косовските Срби во изборните процеси во Србија.

– Нашата позиција не е променета откако ова прашање првпат беше покренато во 2022 година. Продолжуваме да го изразуваме нашето разочарување што Владата на Косово одлучи да не продолжи со долгогодишната практика да дозволува ОБСЕ да ги собира гласачките ливчиња на српските гласачи со право на глас, кои живеат во Косово, рече Ховениер.

Тој нагласи дека „САД силно веруваат дека гласачите со право на глас во сите земји треба да бидат целосно способни да учествуваат во демократските процеси“.

Од друга страна, американскиот дипломат вели и дека Косово, како независна и суверена држава, има право да ги определува условите за гласање на избори на други држави кои се одржуваат на нејзина територија.

– Затоа, Косово како независна и суверена држава има право да ги определи условите под кои се одржуваат изборите на други суверени држави на нејзина територија, рече Ховениер.

Парламентарните избори во Србија се закажани за 17 декември оваа година.

Во минатото, по прогласувањето на косовската независност во 2008 година, со асистенција на меѓународната заедница, им се овозможуваше на косовските Срби да гласаат на избирачките процеси во Србија, меѓутоа таа пракса се прекина по доаѓањето на власт на Курти во февруари 2021 година.

Косовските Срби, од тогаш, немаа можност на косовска територија да гласаат за српскиот референдум во јануари 2022 година и за вонредните избори во април истата година, затоа што Курти постави услов Србија да достави официјално барање за такво нешто до Република Косово. Белград ги одби таквите барања и за гласање на косовските Срби организира превоз до гласачки места во Србија во близина на границата со Косово.

Слични содржини