Храна после 10 години и каква ќе биде нивната цена

од desk3
81 прегледи

Се очекува во текот на следните десет години во светот да се консумираат повеќе млечни производи, а растот на потрошувачката на житарици, месо и растителни масла да се забави.

 

Причините за овие податоци кои треба да влијаат на “реалните цени на повеќето земјоделски производи”, доаѓаат од забавувањето на економскиот раст на Кина и побарувачката на биогорива, истакнуваат авторите на извештајот “Перспективи во земјоделството” на ОЕЦД и ОПЗ за периодот 2017 -2026.

Според прогнозите побарувачката на земјоделски производи наменети за производство на биогорива, ќе биде во застој поради падот на цените на енергијата и одржувањето на повеќе умерена политика за биогорива во многу земји, се наведува во извештајот.

Ова ќе овозможи да се преориентираат основните земјоделски производи кон нивната нормална дестинација – храна, а не енергија.

Кризата на храната во 2007 и 2008 година, која се разви паралелно со финансиската криза, произлезе од скок на цените на основните прехранбени производи и поконкретно на некои маслодајни растенија кои се користат за биогорива. Тие станаа премногу скапи и тоа доведе до гладни немири во некои од најсиромашните земји на светот.

Десет години подоцна според генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој Хозе Анхел Гури слична криза веќе е многу малку веројатна.

Има нови механизми развиени под покровителство на Г-20, кои овозможуваат да се проучува во реално време производството на основни прехранбени производи / месо, житарици, маслодајни култури /, и светските  цени, како и потрошувачката на земји и резервите.

“Кога во 2007-2008 цените почнаа да скокаат, ние не знаевме што се случува  шпекулациите можеа да прават што сакаат”, потсети генералниот директор на Организацијата за храна и земјоделство Жозе Грациану да Силва. “Сега имаме информации и останува мала можност за шпекулации”, додаде тој.

Во следните десет години побарувачката на повеќето основни прехранбени производи треба да се засилува “не толку брзо”, како во изминатите десет години, се вели во извештајот.

Потрошувачката на житарици на човек би требало да остане речиси непроменета, со исклучок на помалку развиените земји, каде што ќе се зголемува.

Производството на жито се очекува да се зголеми за 12% до 2026 година, како тоа главно ќе се должи на зголемување на приносите. Во однос на месото побарувачката се очекува да расте регуларно, но тоа ќе биде запирање во многу земји поради различни општествени причини, како на пример во Индија. Генерално треба да остане на ниво 34,6 килограми на човек годишно до 2026 со пораст од околу 1.5% годишно поради зголемување на светското население.

“Цените на земјоделските производи ќе се намалуваат, што ќе доведе до тешкотии за малите земјоделски производители”, предупредува Да Силва. Тој предвидува дека ќе има се повеќе протести на малите производители во светот и ќе треба спроведување на соодветните политики во оваа област.

До 2026 година се очекува да се зголеми потрошувачката на млечни производи, особено во Индија и Пакистан, кои се претежно со вегетаријанска исхрана и каде тие го заменуваат месото како извор на протеини.