Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница донесе повеќе кадровски и организациски одлуки насочени кон, како што беше посочено, јакнење и модернизација на партијата. Ова го соопшти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Мицкоски информираше дека е избран нов состав на Извршниот комитет, кој, според него, претставува комбинација од искуство и нови кадри. Како што рече, ваквиот пристап има цел да обезбеди поефикасна и пообединета партиска структура, подготвена да одговори на актуелните општествени предизвици.
„Влегуваме во фаза на кадровско екипирање и отворање на партијата кон нови идеи, нови луѓе и нова енергија. Ќе работиме на зајакнување на внатрешната организација, транспарентноста и инклузивноста на членството“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека во мај, а најдоцна до јуни, се очекува реконструкција на дел од ресорите во рамки на владиниот кабинет, а можно е промени да има и во одредени институции. Како што посочи, детална анализа допрва ќе биде направена во наредниот период.
На седницата беше соопштено и дека за нов генерален секретар на партијата е избран пратеникот Драган Ковачки. За организациски секретар е именуван Ивица Томовски, додека Владимир Неловски продолжува да ја извршува функцијата шеф на кабинетот на претседателот на партијата.
Членови на новиот Извршен комитет се: Александар Николовски, Владо Мисајловски, Гордана Димитриеска-Кочоска, Тимчо Муцунски, Ѓорѓија Сајкоски, Никола Мицевски, Луке Галевски, Антонијо Милошоски, Дафина Стојаноска, Рашела Мизрахи, Влатко Ѓорчев, Кирил Пецаков, Марија Андоновска, Ели Панова, Игор Јанушев, Марија Митева, Благоја Ташаминов, Орце Ѓорѓиевски, Онер Јакуповски, Драгана Бојковска, Синиша Стојановски, Стефан Андоновски, Филип Поповски и Бобан Николовски.
Во обраќањето, Мицкоски оцени дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со процесот на обнова и обединување, нагласувајќи дека партијата се подготвува за следните парламентарни избори со, како што рече, јасна цел, подобар животен стандард за граѓаните.