Христов: Имаме таленти тука, но ќе ги следиме и децата со македонско потекло надвор од земјава

од Nikola Popovski
15 прегледи

Три месеци по неговото назначување за технички директор во ФФМ за развој на младинскиот фудбал, Ѓорги Христов на брифинг со претставници на медиумите даде видување за досегашната своја работа.

„Оваа функција носи голема одговорност, но и привилегија. Од првиот ден сум присутен на терен, заедно со колегите, постојано следејќи ги натпреварите и развојот на младите фудбалери ширум државата.“ – изјави Христов.

Артим Шаќири и Сашо Милошевски се назначени како координатори за категориите од 2007 до 2012 година. Од ФФМ велат дека тие го следат секое дете, ќе бидат директна поддршка за селекторите и ќе обезбедат квалитетна анализа за секоја генерација.

Новитет во системот е и воведувањето на видео анализа – област што досега воопшто не беше дел од младинските селекции.

Ангажирани се поранешните репрезентативци Никола Глигоров и Филип Ивановски, кои ќе го подигнат нивото на подготовка и детална анализа на играта.

Посебно внимание се посветува на Детската лига, како основа за фудбалскиот развој:

„Децата на таа возраст се како сунѓери – сè прифаќаат. Затоа, воведовме нови правила со цел тие да играат „фудбал по земја”, од „нога на нога”, да научат да ја изнесат топката организирано, а не сè да зависи од тоа дали голманот ќе центрира до другиот крај на теренот. Сакам да создаваме фудбалери кои размислуваат на теренот.“

Христов истакна и дека секој стручeн штаб на селекциите е составен од 4 до 5 лица од различни региони од Македонија, со што добиваме потврда дека ниту еден потенцијален талент нема да биде пропуштен.

Во однос на скаутирањето, пристапот е избалансиран и фокусиран на квалитетот:

„Имаме таленти тука, во Македонија – прекрасни деца, вредни, посветени. Затоа и нашата главна концентрација мора да биде тука. Но, тоа не значи дека нема да ги следиме децата со македонско потекло надвор од земјава. Напротив, сите што имаат квалитет и можат да направат разлика на натпреварите, се добредојдени. Единствениот критериум е квалитетот.“

Христов отворено зборувал и за состојбата со Академијата на ФФМ:

„Ако Академијата функционираше како што треба, денес немаше да селектираме повеќе од 150 деца од терен. Фактот дека тие деца не се натпреваруваат во официјален систем е парадоксален. Академијата треба да биде пред репрезентативна селекција, а реалноста е далеку од тоа. Веќе две години тие немаат одиграно ниту еден натпревар и искрено, не гледам смисла да продолжиме во истата форма. Ќе видиме каква ќе биде одлуката, но вака – не оди.“

„На патувањата секогаш ќе биде присутен некој од нас – како што беше случајот со Пандев и мене на натпреварите во Шкотска. Тоа многу им значеше на децата, чувствуваат поддршка и припадност. Во секоја генерација сакаме да имаме база од најмалку 30 деца со сличен квалитет. Само така можеме да создадеме вистинска конкуренција – најдобрите против најдобрите“, посочил Христов.

Слични содржини