Христовски започнал постапка за добивање на сертификатот „Државна тајна“ по назначувањето во АНБ

од Nikola Popovski
107 прегледи

Новоизбраниот прв човек на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски информира дека ги поседувал сите безбедносни сертфикати, до сертификатот „Државна тајна“ до 2019 година. Во емисијата „Код“, тој посочи дека во тоа време поради политичка хајка не му бил продолжен новиот безбедносен сертификат.

-По моето повторно вработување во МВР во 2023 година, аплицирав за безбедносен сертфикат од степен „строго доверливо“ и за експресно брзо време го добив. Со моето доаѓање во АНБ, веднаш отпочнав постапка за побарување и добивање на највисокиот степен на квалификација „Државна тајна“, согласно потребите на работното место. Безбедосната проверка за директорската позиција беше извршена за време на моето работење во МВР, кажа Христовски.

Тој најави дека од првиот ден во АНБ започнува со иницијатива за воведување на редовно полиграфско тестирање на вработените во Агенцијата и нема да ги чека надзорните тела како надлежната собраниска Комисија, Обвинителството, Врховниот суд, Народниот правобранител…да побараат влез и проверка на работата во АНБ, туку јавно ги повикува уште „денес да дојдат во просториите на Агенцијата“.

По целосната партизација од страна на СДСМ на безбедносните служби, следи нивна професионализација, став на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата изминативе седум години во клучните служби кои се од суштинска важност за безбедноста на државата на раководни места биле назначувани партиски послушници.

„ВМРО-ДПМНЕ ја прекинува практиката на партиска контрола над безбедносните служби. Стручноста, професионализмот и интегритетот ќе бидат водечки принципи“, се вели во соопштението.

-Заврши времето на партиски послушници во безбедносните служби. Потсетуваме дека СДС изврши партизација и во УБК, кога за директор го постави Миле Зечевиќ, кој своевремено беше висок партиски функционер, а потоа стана и генерален секретар. Но, за разлика од партиските назначувања на СДС, за ВМРО-ДПМНЕ приоритет е стручноста, професионализмот и компетентноста на кадрите. Изборот на Бојан Христовски за директор на АНБ е чекор кон враќање на професионализмот и интегритетот во безбедносните служби, кои ќе работат за заштита на државните интереси, велат од партијата на Христијан Мицкоски.

Социјалдемократите освен за партиската ангажираност, се сомневаат и во стручните квалификации на новиот директот на Агенцијата за национална безбедност. Според СДСМ, иако Христовски пријавил во биографијата пет календарски години раководен стаж, недостасуваат прецизни датуми за неговото раководно искуство во УБК во периодот од 2012 до 2017 година.

„Има ли Христовски вистински документ за соодветно познавање на Англиски јазик како што посебните законски услови бараат“, прашуваат од партијата на Венко Филипче.

-Новиот директор на АНБ нема диплома за англиски јазик. Законските услови за оваа позиција во делот на образованието се исполнети дури минатата година, со дипломирање на Економскиот факултет на Универзитетот за туризам и бизнис во Скопје. Но, претходно, тој бил дипломиран тренер по кик-бокс со што не ги задоволувал законските критериуми предвидени за оваа важна функција. Понатаму, во Биографијата објавена од Факултетот за безбедност, Христовски приложил Уверение за познавање на англиски јазик TOEFL од училиште во Пловдив – Бугарија, велат од опозициската СДСМ.

Слични содржини