Сè што се случува со бегалците – од нивната татковина до хрватската граница е многу добро организиран бизнис. Бизнис, од кој некој многу добро заработува. Ова обвинение го упати јавно хрватскиот министер за одбрана Анте Котроманович. Според него “сè е бизнис”.
“Станува збор за добро организиран бизнис – од нивното пренесување до Грција, но и потоа”, истакна министерот за време на посетата во привремениот камп Опатовац, недалеку од српската граница. Котроманович истакна дека властите во Загреб ” ги транспортираат бесплатно сите бегалци кои доаѓаат од Србија до унгарската граница”. Тој соопшти дека плимата на мигранти од Србија продолжува и дека од 16 септември до денес во Хрватска пристигнаа над 141 000 луѓе. Речиси сите тие се транспортираат до унгарската граница, по што тргаат на патот кон Австрија. Хина