Хрватска го враќа воениот рок: „Кој не може да носи пушка, ќе носи гребло и мотика“

од Nikola Popovski
760 прегледи

Хрватска ја враќа задолжителната воена служба 16 години по нејзиното укинување. Воениот рок за сите млади мажи над 18 години треба да стапи на сила од првиот ден од следната година. Министерот за одбрана на Хрватска порача дека се е подготвено за повторно воведување на воен рок и дека останува само да се чека политичката процедура.

„Помеѓу два и три месеци се планира задолжителен воен рок. Она што е важно да се нагласи е дека ги покачивме надоместоците, тие сега се 900 евра месечно, а колку ќе биде тогаш во однос на задолжителниот воен рок, надоместокот веројатно ќе остане ист“, изјавил потпретседателот на хрватската Влада и министер за одбрана, Иван Анушиќ.

Идејата е да се задржат што е можно повеќе млади луѓе во одбранбениот систем, а според проценките, околу 15.000 од нив треба да се обучуваат годишно, објави „ХРТ“.

„Безбедносните предизвици се такви што пред сите нас ја поставуваат обврската да размислиме, не само Хрватска, туку и многу земји во светот и Европа, како да го активираме тој модел“, изјавил вицепремиерот и министер за хрватските бранители Томо Медвед.

Пред 16 години, речиси 90 отсто од хрватските млади се повикале на приговор на совест. За оние кои сега одбиваат да стават пушка на рамо, постои друг план.

„Ќе се носат гребла и мотики, на пример или вреќи кога се поставуваат насипи против евентуални поплави, ќе се носат некои други работи. Нема да мора да носат оружје, туку ќе треба да ја исполнат својата должност и обврска кон државата“, додал првиот човек во хрватската одбрана.

Слични содржини