Хрватска испраќа канадер во Македонија за гасење на пожарите

од Nikola Popovski
75 прегледи

Хрватското Министерство за одбрана објави дека според наредбата на тамошниот министер Иван Анушиќ, авион канадер (Canadair) со два екипажи е одобрен и се испраќа како помош за земјава при справување и гасење на пожарите кои беснеат на наша територија.

-Врз основа на наредбата на потпретседателот на Владата на Република Хрватска и министерот за одбрана Иван Анушиќ, авионот Canadair CL-415 од специјално организираните противпожарни сили со два екипажи е одобрен за Република Северна Македонија, со цел да обезбеди хуманитарна помош при гаснење пожари, стои во објавата на тамошното Министерство за одбрана.

Вчера претпладне од Турција пристигнаа два „ер трактори“ и еден хеликоптер, кои веќе активно работат на терен. Во текот на денешнио ден ќе пристигнат два хеликоптери од Словенија и по еден хеликоптер од Србија и од Црна Гора.

Пред два дена, македонската влада прогласи вонредна состојба на еден месец поради пожарите предизвикани од топлотниот бран што зафати поголем дел од Источна и Јужна Европа.

Во повеќето земји во регионот температурите надминаа 39 Целзиусови степени. Македонските пожарникари гасат 17 шумски пожари во суви и планински предели во централните и јужните делови на земјата.

Слични содржини