Хрватска успешно го заврши процесот на расчистување на мини речиси 30 години по војната, исполнувајќи ги обврските од Конвенцијата од Отава и официјално станувајќи земја без мини, нагласи хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ на настанот синоќа по повод Светскиот и националниот ден на цивилната одбрана, објави ХИНА.
„Хрватска сега е земја без мини. По речиси три децении, го завршивме расчистувањето на мини во согласност со Конвенцијата од Отава. Отстранети се речиси 107.000 експлозивни направи и 470.000 неексплодирани убојни средства. Ова не е само техничко достигнување; тоа е исполнета морална обврска кон жртвите и нивните семејства“, изјави Божиновиќ, цитиран од агенцијата.
Тој додаде дека Хрватска без мини значи побезбедна средина за семејствата, рурален развој, ново земјоделско земјиште и посилен туризам.
Зборувајќи на настанот одржан во Музичката академија во Загреб, Божиновиќ исто така истакна дека модернизацијата на системот за цивилна заштита вклучува ажурирани законски рамки и дигитални системи за рано предупредување.
Тој нагласи дека оперативните сили се клучни за координирање на одговорите на сè почестите кризи – од климатските промени до заканите за критичната инфраструктура. Министерот ги истакна високите оценки добиени за механизмите за спасување во пештери, велејќи дека ваквите резултати ја зголемуваат подготвеноста на целиот систем.
„Резултатите се опипливи: Хрватска сега има меѓународно сертифициран модул за спасување и пребарување во пештери, првиот хрватски модул сертифициран според Механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Ова е една од најсложените оперативни способности – спасување во подземни и пештерски средини. Благодарение на експертизата на Хрватската планинска служба за спасување и Дирекцијата за цивилна заштита, модулот доби највисока оценка во Европа“, рече тој.
Божиновиќ исто така истакна дека оперативните единици за цивилна заштита служат како витален мост помеѓу институциите и граѓаните за време на тековните и непредвидливи кризи.
Тој најави дека Дирекцијата за цивилна заштита ќе биде одговорна за цивилна служба за приговорниците на совеста, помагајќи во обуката на новата генерација граѓани за одговор на кризи.