Натпреварот од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите помеѓу АЕК и Динамо требаше да се одигра во вторникот навечер, но беше одложен поради хулиганските нереди во Атина ден пред натпреварот.
Навивачите на Динамо со помош на навивачите на Панатинаикос учествуваа во дивеењето, додека навивачите на АЕК беа на другата страна.
Еден од грчките портали „Newslt“ објави текст во кој пишува дека приведените навивачи на Динамо „кои се толку многу што зафаќаат неколку ката од зградата на полицијата, тврдат нешто незамисливо“.
Тие се бранат дека биле нападнати од грчки семејства во близина на стадионот на АЕК. Секако, не можат да објаснат зошто дошле пред ОПАП Арената вооружени со палки и ножеви. Камерите ги снимиле, пишува грчкиот портал и додава:
-Хрватските хулигани тврдат дека дошле во Грција за „психолошки да го поддржат“ својот тим, иако знаеле дека УЕФА го забранила доаѓањето на гостински навивачи. Тие раскажуваат како сакале да го гледаат натпреварот од кафуле во близина на стадионот. Секако, никој не ја раскажал сцената кога се случило убиството, тврдат дека ништо не слушнале, ниту виделе.
Порталот „NewsIt“ ги опишува како што велат „хрватските хулигани“:
„Со изгледот потсетуваат на нацисти. Некои од нив ѝ кажале на полицијата како се обиделе да го поврзат годишниот одмор во Грција со натпреварот, но не го спомнале никаде контактот со навивачите на Панатинаикос, кои се нивна братска група“.
Грчките новинари пишуваат дека полицијата смета дека меѓу уапсените е и убиецот на 29-годишниот навивач на АЕК, поради што земаат ДНК која би можела да одговара на онаа што е пронајдена кај убиениот. Тие во рамки на истрагата вршат преглед на автомобилите на хрватските хулигани со кои пристигнале во Грција.
„Врз основа на информациите што ги добиле од хрватската полиција и Европол, грчката полиција проценува дека меѓу навивачите има четири или пет т.н. водачи. Составена е „црвена листа“ на околу 40 од најопасните хулигани, меѓу кои веруваат дека е и убиецот“, открива NewsIt.
УЕФА ги одложи натпреварите меѓу Динамо и АЕК. Првиот натпревар се игра на 15 август во Загреб од 20 часот, а реваншот е закажан три дена подоцна. Вчера беа уапсени околу 100 Хрвати, а се уште не се знае кој го убил навивачот на АЕК.
Фото: CROPIX, RONALD GORSIC