Спортските обложувалници во Хрватска наскоро ќе можат да им понудат на играчите услуга „cash out“, односно исплата на дел од добивките додека се уште траат натпреварите на кои се обложуваат, пишува во саботата „Јутарњи лист“, наведувајќи дека државата направила отстапка за обложувалниците поради даночните оптоварувања.
Ова е опција за обложувалници која одамна постои во „онлајн“ понудата на странските обложувалници, па можеби е претерано да се каже дека „cash out“ ќе донесе мала револуција во хрватските спортски обложувалници, но не е далеку од тоа.
Опцијата беше ставена во предлог-измените на Правилникот за задолжителна евиденција за пресметка на надоместоците за приредување игри на среќа што министерот за финансии Марко Приморац ги стави на јавна расправа.
– Приредувачот на игри на среќа може да овозможи можност за предвремена уплата на добивката (cash out) по уплатен тикет. Со изборот да ги исплати добивките порано, играчот може да оствари право на дел од добивката по уплатен тикет за времетраење на настанот – стои во споменатиот предлог на Министерството за финансии, кој е во јавноста за дебата до 27 септември.
Бидејќи домашните спортски обложувалници веќе подолго време се жалат на високите даночни оптоварувања и други ограничувања, воведувањето на „cash out“ може да се смета како отстапка од државата кон домашните спортски обложувалници.
Според „cash out“ понудите на странските обложувалници, обложувалницата може да ја понуди таа опција за секој одигран тикет, пишува „Јутарњи“.