Не е тајна дека Huawei работи напорно на сопствена мобилна платформа, која ќе ја направи
кинеската компанија многу понезависна од американските технологии на пазарот за смартфони.
Индустријата, како и потрошувачите, со нетрпение го очекуваат денот „X“ кога новиот оперативен
систем ќе биде пуштен официјално.
Според „Gizmochina“, првата јавна демонстрација на платформата моментално позната како
HongMeng OS е многу блиску. Се претпоставува дека Huawei ќе го претстави системот на 9 август,
кога почнува конференцијата за програмери „Huawei Developer Conference 2019“.
Вториот по големина производител на смартфони во светот исфорсира развој на сопствена
платформа, откако САД му наметнаа санкции како дел од големата трговска војна, објавена на
Кина од администрацијата на Доналд Трамп. Впрочем, од изјавите на раководни фактори во Huawei
стана јасно дека компанијата очекувала слични активности и се подготвувала за новата ситуација
од порано.
HongMeng OS очигледно ќе биде алтернатива на Android или најмалку план Б на кинескиот
производител, ако односите со САД не се нормализираат. Засега не се познати детали за
платформата, но се очекува по околу еден месец Huawei да покаже како работи HongMeng OS на
некој од смартфоните.
Официјалната страница на конференцијата се фокусира на мрежите од петта генерација (5G) и
„Интернет на Нештата“ (IoT). Агендата на Huawei, исто така, вклучува и паметни домови и паметни
патувања, технологии за виртуелна и додадена реалност и многу повеќе.