Google веќе започнаа ажурирања кон Android Pie за смартфоните Pixel и во наредните недели се очекува платформата да е достапна и за другите производители. Huawei е една од компаниите кои ќе се обидат брзо да започнат со ажурирање на нивните популарни паметни телефони. Последните податоци на интернет откриваат дека Huawei планираат да покажат како изгледа корисничкиот интерфејс EMUI 9,0 за време на IFA 2018. Технолошкoто шоу ќе се одржи меѓу 31 август и 5 септември во Берлин.

Новиот интерфејс е целосно базиран на Android 9.0 Pie и е многу веројатно дека ќе биде инсталиран од страна на корисниците по завршувањето на настанот. Не е изненадувачки дека првите модели кои ќе го добијат ажурирањето се Huawei P20 моделите, објави mybroadband. Следниот бран на ажурирања исто така ќе ја покрие Huawei Mate серијата. Софтверските инженери на компанијата ќе се обидат да ги надминат своите конкуренти во дистрибуцијата на надградбите кон Android 9.0.
Mногу е веројатно за време на IFA 2018 да дознаеме и кои други смартфони на компанијата ќе може да имаат корист од пoдобрувањата во новата верзија на оперативниот систем. Првите модели што треба да се ажурираат се уредите опремени со Kirin 970 процесорот. Сè уште немаме конкретни информации за какви подобрувања станува збор во EMUI 9.0. Се чини дека ќе мораме да бидеме вооружени со повеќе трпеливост за да дознаеме кои се идните планови на Huawei.