Хулкенберг ќе стартува три места поназад во Бахреин и покрај тоа што не е казнет

од Vladimir Zorba
11 прегледи

Вчера, Нико Хулкенберг ја зазеде 13-та позиција за стартот на Големата награда на Бахреин, но германскиот возач на Заубер нема да стартува од неа. Наместо тоа ќе мора да стартува од 16. место, а причината за ова не е некаква казна.

По завршувањето на квалификациите, се покажа дека Хулкенберг воопшто не требаше да учествува во нејзината втора фаза, иако го постави 15-тото најбрзо време во првиот сегмент. Сепак, овој круг мораше да се избрише бидејќи Германецот излета од патеката со сите четири гуми во свиокот 11.

Сепак, директорот на трката, Руи Маркез го забележа овој прекршок дури по стартот на втората фаза, кога веќе беше доцна да се преземе нешто околу тоа. Затоа, случајот беше предаден на стјуардите за да проценат како да постапат по завршувањето на квалификациите.

Стјуардите донесоа логична одлука да го откажат кругот со кој Хулкенберг се квалификуваше за втората фаза, а исто така ги избришаа сите негови кругови во истата. Така, Германецот се враќа на 16. место, додека Фернандо Алонсо, Естебан Окон и Алекс Албон се движат по една позиција понапред. Тајланѓанецот е најголемата жртва на невниманието на директорот на трката, бидејќи тој требаше да учествува во втората фаза од квалификациите наместо Хулкенберг.

Случајот Хулкенберг не е преседан, бидејќи слично нешто му се случи на Серхио Перез во Австрија во 2022. Мексиканецот тогаш стигна до третата фаза од квалификациите, но репризите покажаа дека тој излета од патеката во својот најбрз круг во вториот сегмент и по квалификациите беше избришан.

Големата награда на Бахреин, четвртиот круг од сезоната во Формула 1 2025 година, започнува во 17:00 часот по наше време.

Слични содржини