Хулкенберг со алармантна прогноза за сезоната 2022 во Формула 1

од Vladimir Zorba
211 прегледи

Поранешниот Формула 1 возач и актуелен ТВ аналитичар, Нико Хулкенберг предвиде дека новите болиди нема да го олеснат возењето во кривините, како што очекуваат луѓето.

Новите правила, кои требаше да стапат на сила минатата година, но беа одложени поради КОВИД-19, имаат за цел да ги направат трките поатрактивни. Ова треба да се постигне со намалување на зависноста од аеродинамичкиот притисок и зголемување на механичката влечна сила. Теоретски, овие промени ќе им овозможат на пилотите полесно да следат и во брзи и во бавни кривини, што ќе го олесни претекнувањето дури и без системот DRS.

Сепак, според Хулкенберг, очекуваните големи брзини нема да дозволат тоа да се случи. Првично, целта на креаторите на правилата беше да ги направат болидите до 2-3 секунди побавни од претходните болиди. Прогнозите на тимовите по тестовите во ветерните тунели и симулаторите предвидуваат разлика од само половина секунда поради повисоките од очекуваните брзини, главно при брзи свиоци.

„Целта беше да се направат (автомобилите) побавни и попредизвикувачки за возење, што ќе го врати фокусот на вештините на пилотите да направат разлика. Сепак, од моето првично искуство, новите автомобили се многу брзи и не многу побавни од претходната генерација. Чувството на пилотирање не е многу различно, барем во симулаторот“, изјави Хулкенберг.

„Ќе биде интересно да се види дали овие автомобили навистина ќе бидат полесни за следење. Во симулаторот, брзините на свиоци се многу високи и ризикот од нечист воздух сè уште ќе постои. Мислам дека нема да биде лесно и пријатно да се вози со овие брзини. Сепак, се надевам дека ќе бидеме пријатно изненадени, но се ќе биде јасно по стартот на претсезонските тестови“, додаде Германецот.

Првиот од двата тридневни претсезонски тестови во 2022 година ќе се одржи помеѓу 23 и 25 февруари на патеката Каталонија во близина на Барселона. Вториот ќе биде од 8 до 10 март на Сахир во Бахреин, каде на 20 март ќе се одржи првиот старт на годината за Големата награда на Бахреин.