Хуманоста ги победи тензиите: Трагедијата во Кочани покажа дека Македонија има пријател во Бугарија

„Создавањето на тензија е вештачко, само да не се вратиме во рововите на кои припаѓаме“: Кочанската трагедија докажа дека меѓу Македонија и Бугарија постои чувство на емпатија и блискост

од Nikola Popovski
336 прегледи

Ако пријателите се познаваат во мака, тогаш слободно можеме да заклучиме дека Македонија ги има многу. Во овие моменти на тага и болка поради кочанската трагедија, земјава освен зборови за утеха и сочувство, од многу пријатели доби огромна помош. Еден од тие пријатели е и нашиот источен сосед Бугарија. Во болниците во Софија, Варна и Пловдив се примени вкупно 15 лица, од кои само двајца на возраст од 30 години, сите други се помлади, од кои пет се под 18 години.

Што покажа трагедијата во Кочани за односот меѓу Бугарија и Македонија?

Иако имавме и се уште имаме тензии и непријатности на релација Скопје-Софија во однос на нашиот евроинтегративен пат, Бугарија покажа солидарност и силна пријателска поддршка. Воено-транспортниот авион „Спартан“ и шест амбулантни возила од итната медицинска помош во Софија веднаш беа ангажирани за транспорт на најтешко повредените. Бугарските медицински тимови, меѓу кои и тројца лекари со македонско потекло, беа меѓу првите што помогнаа во спасувањето на животите на повредените. За дел од бугарската јавност, се покажа блискоста меѓу двата народи. Според бугарскиот аналитичар и скулптор по професија, Андреј Врабчев, најважното што се докажа со настаните е дека меѓу луѓето постои сочувство, чувство на емпатија и блискост. Исто така, вели тој во изјава за „Локално“ стана очигледно дека создавањето на тензија е вештачко и насочено кон служење на конкретни интереси различни од оние на општеството.

-Сметам дека човечката драма на толку многу луѓе не треба да се политизира и инструментализира. Изразувам сочувство до сите засегнати и честитки и поздрави до сите кои дојдоа да помогнат, потенцира Врабчев.

Андреј Врабчев

Состојбата на повредените во пожарот во Кочани што се хоспитализирани во болниците во Софија, Варна и Пловдив е стабилна, изјави пред два дена бугарскиот министер за здравство Силви Кирилов и посочи дека најтешка околност при нивното лекување е вдишувањето гасови за време на пожарот. Најголем проблем за повредените, посочи дека е вдишувањето на гасови за време на пожарот.

Одговарајќи на прашањето дали може да се размислува за тоа дел од пациентите да се испуштаат од болниците на домашно лекување, Кирилов рече дека е рано да се зборува на таа тема, оти голем дел од пациентите имаат отворени рани што се лекуваат, а за што веројатно ќе бидат потребни пластични операции.

За дел од бугарското општество, донекаде и изненадувачки делува хуманоста на актуелните бугарски функционери. Според Паскал Гонов, во принцип, политичарите од Бугарија се фокусирани на сопствените проблеми и ретко имаат адекватна реакција на настани надвор од територијата на нивната земја. Меѓутоа, за среќа, како што вели тој за „Локално“, има случаи кои се исклучоци од ова правило, а потоа, зачудувачки дури и за нив самите, „бугарската владејачка елита како да се разбуди и да дава знаци на живот и хуманост“.

Паскал Гонов

-Така беше и за време на земјотресот во Република Турција, а така беше и по хоророт во Кочани. Во случајот со Македонија, сепак, има нешто уникатно. Би сакал да напоменам дека нашата помош дојде во време на силна билатерална политичка тензија и во време кога Република Бугарија и нашето општество изгледаа длабоко трауматизирани од помошта за Македонија во минатото- признавањето, тенковите, логистичката помош за време на ембаргото од Грција и кризата во Косово, вакцините…  Јас лично бев сигурен дека Бугарија нема да помогне директно, туку преку Црвениот крст или некоја друга хуманитарна организација, како што тоа го правеа другите земји, како Германија, вели бугарскиот аналитичар и адвокат.

За среќа или за жал, додава тој, „уште еднаш избравме да бидеме на првата линија и се обврзавме да помогнеме со личен труд и средства“. Сепак, оценува дека работите може да се вратат „на старо“.

-Атмосферата нема да се промени. Порано или подоцна, некој во Македонија и Србија ќе каже „лош збор“ за бугарската помош, ќе биде омаловажена и ќе се вратиме во рововите каде што припаѓаме, затоа што таква ни е судбината!

Се разбира, за разлика од нашата помош, Србија е добро организиран спектакл – претседател Александар Вучиќ во болница со новинари, претстојни големи хуманитарни фудбалски натпревари, расплакани водители… Шоуто на Труман. Големината на оваа хиперактивност на Вучиќ не може да се компромитира (не дај Боже!) со постапките на македонските пратеници, затоа и ги нема, вели Гонов.

Последната констатација на соговорникот од Битола следува откако бугарскиот пратеник Манол Пејков од 16 март до 19 март преку хуманитарна кампања на својата фондација „Манол Пејков и пријатели“ собра околу 54.000 лева, односно околу 27.000 евра, а веќе беше во Кочани и ги предаде парите. За разлика од Пејков, според брифинзи од македонското Собрание, на завчерашната координација, претседателот, потпретседателите и шефовите на парламентарните групи не се усогласиле колку пари да издвојат за семејствата на настраданите во Кочани и одлучиле секој да донира на сметката на Црвениот крст по свое наоѓање и од тоа да не прават помпа во јавноста.

„Попладнево, заедно со министерот за здравство, Арбен Таравари, и министрите за надворешни работи и здравство на Бугарија, Георг Георгиев и Силви Кирилов, ја посетивме болницата „Пирогов“ во Софија, каде што се лекуваат дел од македонските пациенти.

Во Бугарија во моментов се згрижени 15 пациенти, што е резултат на директната политичка комуникација со нашите колеги и претставува потврда за солидарноста и силната пријателска поддршка од нашите соседи, за што изразив искрена благодарност.

Упатив благодарност до целиот здравствен персонал, од кој добивме детални информации за здравствената состојба на пациентите. Пред семејствата на македонските пациенти нагласив дека македонската амбасада во Софија останува на целосно располагање за секоја нивна потреба во наредниот период“, објави шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски на 18-ти март.

Минатиот вторник во Бугарија беше Ден на национална жалост во спомен на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Животот го загубија 59 лица, над 200 беа повредени.

Н.П.

Слични содржини