Државниот инспекторат за транспорт извршил 4 контролни надзори на компанијата „Беса Транс“ во текот на 2021 година. Контролите се извршени на 1 или 2 автобуси кои имале лиценца. За секој автобус имало извод на лиценца, а за овој автобус не бил затекнат, вели директорот на Државниот инспекторат за транспорт (ДИТ), Руфи Хусеини во емисијата „24 анализа“.
Тој информира дека контролите на компанијата биле поради ковид-протоколите и тие претежно се фокусирале на тие прекршоци.
-Немало пропуст. ДИТ нема постојан престој на границата. Ние одиме по месечен план. Според Законот за превоз во патниот сообраќај, Царината има овластувања на граничните премини да врши надзори и да ги контролира лиценците и изводите. Царинската управа е виновна за овој случај. Ние не знаевме колку автобуси има компанијата и со колку ќе оди, рече Хусеини.