И Будва забранува голи низ град

од Vladimir Zorba
85 прегледи

Бизнис светот денеска

 

Франкфурт – Германскиот хемиски гигант БАСФ соопшти дека нема да побара од Европската комисија продолжување на дозволата за употреба на фипронил во третирање на семенскиот материјал. Оваа одлука доаѓа во ек на скандалот со контаминираните јајца кој ги тресе земјите членки на Европската унија. „БАСФ од деловни причини одлучи да не ја продолжи регистрацијата на (фипронил) за третирање на семињата во Европа” – изјави портпаролот на германската компанија, додавајќи дека сегашната дозвола истекува на 30-ти септември.

Будва – Будва во иднина, кога ќе ги реши приоритетните проблеми, може да тргне по стапките на хрватскиот Хвар и да почне парично да ги казнува голите туристи. Ќе бидат казнувани и тие кои пијани ќе се движат во градот и тие кои спијат на отворено. На Хвар на пример, шетање во костим за капење надвор од плажата се казнува со 600 евра, а 100 евра ќе платат жени кои имаат само горен дел од костумот и мажи кои на улица ќе се најдат без кошула или маица.

Пекинг – Бројот на возилата кои користат нови извори на енергија во Кина достигна 1,01 милион, соопшти кинеското Министерство за јавна безбедност. Од вкупниот број на возила кои користат нови извори на енергија, 825.000 се електрични возила, а 193.000 се хибридни возила, наведено е во соопштение, а пренесе агенцијата Синхуа.

Загреб – Десетици словенечки државјани биле измамени откако изнајмиле апартмани во Хрватска кои всушност не постојат. Словенечката полиција потврди дека го истражува случајот на измамените словенечки државјани на кои непознато лице им земало пари огласувајќи „изнајмување” на апартмани на хрватскиот брег, а дека такви станови не постојат дознале дури откако дошле на лице место и залудно го барале домашниот број и апартманот.

Луксембург – Индустриското производство во 19 земји на еврозоната падна во јуни, покажуваат официјалните статистички податоци. Тоа веројатно повторно ќе поттикне загриженост поради негативниот ефект од јакнењето на еврото на извозот. Евростат објави дека производството во јуни паднало за 0,6 отсто во споредба со растот од 1,2 проценти од претходниот месец.

Пекинг – Фабричкото производство во Кина порасна во јули за 6,4 отсто во однос на истиот период во 2016 година. Инвестициите во фиксни средства во првите седум месеци се зголемени за 8,3 проценти, при што двата показатели се под прогнозата на економистите. Аналитичарите во анкета на агенцијата Ројтерс предвидувале пад на експанзијата на фабричкото производство во јули на 7,2 отсто од нивото од 7,6 отсто во јуни.

Москва – Русија драстично го зголеми увозот од земјите нечленки на Заедницата на Независни Држави (ЗНД) од почетокот на оваа година до крајот на јули. Членки на ЗНД се Русија, Белорусија, Казахстан, Ерменија, Азербејџан, Киргистан, Молдавија, Таџикистан и Узбекистан. Увозот од земјите надвор од тој блок пораснал во текот на седум месеци за 27,4 отсто на 107,6 милијарди долари во однос на истиот период лани, пренесе Раша тудеј, а покажуваат податоците на руската царинска Федерална управа./МИА