И официјално: Лосон ќе му биде партнер на Верстапен во Ред бул следната сезона

од Vladimir Zorba
5 прегледи

Лиам Лосон, 22-годишниот возач од Нов Зеланд, е потврден како замена за Серхио Перез и следната сезона ќе ја помине зад воланот на Ред Бул заедно со Макс Верстапен. Лосон е во програмата на Ред Бул Јуниор од 2019 година, а во последните две сезони беше резервен возач во сестринскиот тим на Ред Бул (Alpha Tauri, Visa Cash App Racing Bulls), за кој се појави на вкупно 11 трки во светскиот шампионат.

Во 2023 година освои два бода на пет настапи, а оваа сезона учествуваше во последните шест натпреварувања од сезоната и со две деветти места освои четири бода.

„Ова е нешто кон што сакав и работев од својата осумгодишна возраст. Досега беше неверојатно патување. Сакам да му кажам голема благодарност на целиот тим за нивната поддршка, последните шест трки имаа големо влијание во мојата подготовка за овој следен чекор“, рече Лосон кога беше именуван како возач кој ќе застане рамо до рамо со четирикратниот светски шампион.

Тимскиот шеф на Ред Бул, Кристијан Хорнер е полн со пофалби за Лосон.

„Настапите на Лиам за време на неговите два ангажмани со Visa Cash App Racing Bulls покажаа дека тој не само што е способен да дава силни резултати, туку дека не се плаши да ги предизвика најдобрите. Неговото доаѓање ја продолжува долгата историја на тимска промоција во Red Bull Junior програмата. Тој ги следи стапките на возачите кои победувале на трки и освојувале шампионски титули, како Себастијан Фетел и, се разбира, Макс Верстапен“, рече Хорнер, додавајќи:

„Нема сомнеж дека тркањето заедно со Макс, четирикратен шампион и несомнено еден од најголемите возачи некогаш видени во Формула 1, е тешка задача, но уверен сум дека Лиам е дораснат на предизвикот и може да донесе одлични резултати за ние следната година“.

Слични содржини