Под мотото „Одиме повторно за Кочани“, иницијативата „Кој е следен?“ упати нов повик до сите граѓани да се приклучат на новиот протестен собир „Маршот на ангелите“ кој ќе се одржи во сабота, со почеток во 16:05 часот кај Паркот на Револуцијата во Кочани.
Во духот на солидарноста и општествената одговорност, иницијативата ги охрабрува сите кои имаат слободно место во возило или имаат потреба од превоз, да се пријават преку онлајн формуларот: https://forms.gle/nth9s1F5B24bYoFW7.
„Ниеден човек не е остров сам за себе, секој човек е дел од континентот, дел од светот. Смртта на секој човек нè намалува сите нас“, стои во повикот на организаторите, кој јасно ја пренесува пораката дека солидарноста и заедничката борба против неправдата се движечка сила на иницијативата.
„Не прашувај каде треба да бидеш во сабота. Одиме во Кочани. Не смееме да ги оставиме сами!“ – е пораката со која „Кој е следен?“ ги мобилизира граѓаните за активно учество и поддршка.
На два месеци од трагедијата и минатата сабота силно одекна молкот во Кочани. Без јавни обраќања, со пишани пораки, родителите и членовите на семејствата на настраданите ги потсетија надлежните дека очекуваат правда и строги санкции за сите кои придонеле да се случи трагедијата. Изразија разочараност од пратениците, посебно од третата изборна единица. Во Кочани владее тага, но и загриженост на граѓаните за квалитетот на лекувањето на повредените кои се вратија од странство.
Во кочанската болница за повредените пациенти адаптирани се простории на одделенијата за неврологија и хирургија. Физикалната терапија ја реализираат двајца физијатри и шестмина физиотерапевти, а преврски за пациентите со изгореници прават двајца хирурзи, медицински сестри и инструментарки, со помош на лекарски тим за пластична хирургија од Скопје.