И по изборите, проблемот со јавниот градски превоз ќе зависи од „како шефот ќе каже”

„Полни усти“ со ветувања за јавниот градски превоз: Издвојувањето на една сообраќајна лента исклучиво за возила кои вршат јавен превоз на патници и возила на брза помош, паралелно да се разгледува со реализацијата на БРТ

од Nikola Popovski
36 прегледи Фото: Принтскрин

Јавниот превоз во Скопје е главно оскуден. Организиран е преку автобуси управувани од Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) и приватни превозници. Нема посебна лента за брз транспорт, нема трамваи, тролејбуси, возови, ниту подземна железница. Сегашниот систем покрива голем дел од градските и приградските населби, со цени значително пониски од оние во другите европски метрополи, но се соочува со значителни проблеми кои го намалуваат квалитетот на услугата. Учениците доцнат на часови, студентите на предавање, работниците на работните места поради нефункционалниот јавен превоз. Долго време се чекаше на автобуските постројки, некогаш и по 45 минути. Автобусите и кога ќе пристигнат вратите одвај се затвораат од што се преполни.

„Полни усти“ ветувања во изборната кампања од страна на кандидатите. Тоа е еден од главните проблеми за кого најавуваат решение. Од нови линии, нови автобуси, преку БРТ до посебна сообраќајна лента….Дали и овие ветувања од партиите ќе бидат како народната „секое чудо за три дена“? Според дел од лицата кои беа инволвирани во сегашниот состав на Советот на Град Скопје, во сите програми на кандидатите за градоначалничката фотелја во Скопје се споменува и модернизација на јавниот превоз, односно се става приоритет решавање на проблемите поврзани со јавниот градски превоз.

Се уште актуелниот советник во Градскиот совет, Гордан Шутаров вели дека Градот Скопје ги изгуби последните 4 години од аспект на развој на градот и решавање на проблемите во градот вклучително и на проблемите поврзани со јавниот градски превоз, и за тоа треба сите инволвирани да си преземат одговорност врз себе, за своето постапување односно непостапување.

-Лично и јас, како член на Советот на Градот Скопје со мандат кој ќе заврши официјално на 19 Октомври, чувствувам и лична (морална) одговорност, иако не е директна, но на крајот на денот сепак сите треба да сфатиме дека место за дневна политика во Градот Скопје нема, иако сум скептик дека после изборите во недела, нешто на политичката сцена ќе се смени во начинот на размислување и делување на членовите во советите во глобала, а особено во Советот на Градот Скопје, и дека ќе продолжат да преовладуваат дневно политичките и партиски интереси, водени од максимата „како шефот ќе каже“, вели Шутаров во разговор за „Локално“.

Гордан Шутаров

Не би сакал да верувам дека, додава соговорникот, некој намерно може со умисла да постапува толку спротивно од интересите на граѓаните и да работи директно на нивна штета, но меѓутоа, убеден сум дека се што не беше „прифатливо“ во изминатите 4 години за мнозинство од членовите на Советот на Градот Скопје, сега магично после изборите во недела, истото ќе биде “прифатливо“.

-Конкретно проектот БРТ- Бас Рапид Транзит систем, 4 години не беше прифатен на почеток ниту од градоначалничката Арсовска, а потоа и од мнозинството предводено од ВМРО- ДПМНЕ, бидејќи наводно се залагале со друг концепт на јавен превоз, за да во текот на кампањата за локалните избори да можеме да слушнеме од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, дека проектот ќе биде реализиран, но со одредени модификации, вели Шутаров и додава:

-Се сложувам во врска со модификациите, секоја забелешка, сугестија нормално дека е добредојдена, но прашањето е: Зошто дозволивте да изгубиме 4 години ? За овие 4 години веќе добар дел од првичниот проект ќе беше реализиран, ќе имавме можеби и видливи резултати во однос на подобрувањето на јавниот превоз во градот, но меѓутоа за жал останува нејасно зошто е тоа така, веројатно ќе треба да прашате некој од актуелните/идните советници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, додава советникот.

Според Шутаров, користењето на пругата како идеја не е ново размислување и идеја во политичкиот и општествен свет и апсолутно се согласува дека постоечката и дополнително модернизирана железничка инфраструктура треба да се искористи за поцелосно поврзување на населените места во Скопје. Тој се надева дека и идните членови на Советот на Градот Скопје ќе размислуваат во таа насока.

-Издвојувањето на една сообраќајна лента наменета исклучиво за возила кои вршат јавен превоз на патници и возила на брза помош, треба паралелно да се разгледува со идејата за реализација на БРТ проектот, бидејќи како проект без разлика на модификациите коишто би ги претрпел е нешто што ќе завземе доста голем простор од булеварите, крстосниците итн. Инаку од теоретски аспект гледано, истото би било изводливо и би дало сигурно ефект во поглед на ефикасноста и ефективноста на јавниот превоз на патници во Скопје, заклучува советникот во Советот на Град Скопје.

Фотографија: Фејсбук-страница на ЈСП

Македонија е меѓу земјите со најлош јавен превоз во Европа, покажа ланското истражување на „Еуроњуз“. Во Скопје 47 отсто од жителите се задоволни од јавниот превоз. Понезадоволни од скопјани се граѓаните на Рим, Тирана, Подгорица, Белград и Никозија.

Според анализата на „Еуроњуз“, најголемо задоволство од јавниот превоз имаат граѓаните на Виена со 91 отсто. Потоа, следуваат граѓаните на Хелсинки со 89 отсто и тие на Осло со 88 отсто. Најмалку задоволни од јавниот превоз се граѓаните на Рим и Тирана со 29 отсто. Задоволството на граѓаните на Подгорица е 37 отсто, додека во Белград се со 44 отсто.

Сепак, мора да се забележи дека во Скопје, освен автобуски јавен превоз, нема други опции за јавен транспорт. Во анализата на „Еуроњуз“ се забележува дека европските метрополи доживуваат брза трансформација на јавниот превоз.

Н.П.

Слични содржини