Не очекуваме зголемување на цената на електричната енергија и покрај намаленото производство од хидро капацитетите во државата, коешто, пред се, се должи на лошата хидрологија, поради што кон крајот на 2020 година имаше потреба од увоз, порачува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски во интервју за МИА што викендов ќе биде објавено во целост.
-ЕСМ има обврски да ги обезбеди потребите на малите потрошувачи и на домаќинствата и тоа по цена која сама си ја определува, бидејќи РКЕ повеќе не ја определува цената на ЕСМ за струјата. Дали ќе увезува дополнително или не, тоа од аспект на цена не е битно, бидејќи во калкулациите на РКЕ влегува цената која ја нуди ЕСМ и во рамките на таа цена ЕСМ ќе си ги покрие своите трошоци за увоз на електрична енергија, вели Бислимоски.
Според информациите кои ги имаме, додава, сега цената на ЕСМ изнесува 38,8 евра за мегават час.
-Согласно со Законот за енергетика, ЕСМ е обврзан во рамките на таа цена која што ја понудил од 38,8 евра за мегават час во 2021 година да обезбеди 70 проценти од потребите на Универзалниот снабдувач кој, пак, е задолжен за снабдување на малите потрошувачи и домаќинствата по регулирана цена. Во зависност од тоа што ќе обезбеди ЕСМ и колку ќе обезбеди ќе има потреба во рамките на своите производни капацитети да си го оптимизира своето производство, посочува Бислимоски.