И Принцот Хари „падна“ на лажната Грета Турнберг

од Vladimir Zorba
268 прегледи

Двајца руски комичари тврдат дека принцот Хари бил жртва на нивната измама. Тие, наводно, го навеле да коментира за напуштањето на кралското семејство.

Еден од нив, Алексеј Столјаров, изјави за Би-Би-Си дека со војводата од Сасекс разговарал за различни теми, откако мислел дека разговара со активистката за животна средина, Грета Тунберг и нејзиниот татко.

Принцот Хари, велат тие, го критикувал Доналд Трамп за неговиот став кон климатските промени. Говорејќи за одлуката да ги напушти кралските должности, тој рече дека „не било лесно“.

Бакингемската палата не го коментираше овој случај.

Столјаров – кој заедно со Владимир Кузњецов е дел од дуото пранкстери – за Би-Би-Си Москва изјави дека транскриптите од разговорите, што ги објави ексклузивно таблоидот Сан биле „точни“.

Би-Би-Си не беше во можност да ја потврди автентичноста на снимките, направени за Нова Година и на 22 јануари.

Сан денеска објави дека во еден од разговорите, Хари ја опишал одлуката да се повлече од кралските должности како „понекогаш вистинските решенија не се лесни“.

„И оваа одлука секако не беше лесна, но беше вистинската за нашето семејство и вистинската одлука да го заштитиме мојот син“, рекол војводата.

„И мислам дека има пеколно многу луѓе ширум светот кои можат да се идентификуваат со нас и да ја почитуваат одлуката да го поставиме нашето семејство на прво место“.

Во вториот дел од транскриптот на интервјуто, кој беше објавен на Интернет, Хари се осврнал на односот кон климатските промени во Соединетите држави.

„Јас само размислувам за фактот дека Доналд Трамп толку многу ја турка индустријата за јаглен во Америка, што тој веќе има крв на рацете“.

Столјаров вели дека тој и Кузњецов долго време сонувале да разговараат со 35-годишниот принц.

Тие решиле повторно да го повикаат откако беше објавено дека тој ќе се повлече од обврските со кралското семејство.

Комичарот вели дека Војводата бил многу отворен и тие разговарале „скоро еден час“.

„Имаше потреба да разговара“, вели Столјаров. „Се чини дека многу работи му лежат на душа“.

Руската државна телевизија пушти делови од разговорот – со превод – во кој комичарите очигледно се потсмеваат со Хари.

Додека зборува, наводно како Грета, еден од комичарите изјавил дека дознал дека има врски со кралското семејство и предложил да се договори нејзин брак со принцот Џорџ за да се зголеми загриженоста за климатските промени, на што Хари се насмеа.

Столјаров додаде дека не била нивна намера да го омаловажуваат Хари.

„Користевме некои смешни детали како ова за да ја направиме нашата измама поинтересна од обичниот сериозен разговор“.

Тој не сакаше да открие како го добил телефонскиот број на Хари, но рече дека тој и неговиот партнер се претставувале како Тунберг во последните неколку недели – вклучително и некој кој бил „близок со британската политика“.

Оваа комичарска двојка претходно ги „насамари“ пејачот Елтон Џон, американскиот политичар Берни Сандерс, какои актерот Хоакин Финикс. Пред една година тие го измамија и тогашниот премиер на С.Македонија, Зоран Заев.

Хари и Меган последен пат се појавија во јавноста оваа недела како „работни“ членови на британското кралско семејство.

Тие им се придружија на кралицата и другите високи членови на кралското семејство на црковната служба за да го прослават Денот на Комонвелтот во Вестминстерската опатија во понеделникот попладне.