„И снаата и внучето и синот ќе изгореа„ – пожар го пеплоса домот на Ристови во струмичко Дукатино

од desk4
135 прегледи

Семејството Ристови од струмичко Дукатино останаа без дом откако синоќа два часа после полноќ избувна пожар во нивната куќа. Малку недостасувало да бидат затрупани бидејќи почнал да паѓа таванот и кровната конструкција, информира ТВ24.

Пожарот го забележала мајката Магдалена која ги разбудила сите членови на семејството плашејќи се дека живи ќе изгорат.

„И снаата и внучето и синот ќе изгореа.. Јас станав, само што ја отворив вратата се беше во оган, ламперијата почна да паѓа…Им викнав на децата, тие веднаш станаа, малото почна да плаче…“ , вели мајката Магдалена Ристова.

Младиот домаќин Златко Ристов не може да поверува што им се случило со домот во кој неколку часа претходно го славеле роденденот на ќерка си. Од семејната куќа останати се само темелите. Сета покуќнина и заштеда им се изгорени . Среќен е што успеале да се спасат.

„Сепак сум среќен што успеавме да се спасиме, можеше да биде потрагично…Со моја помош сите беа навреме извадени, нема никој повредено, јас сум малку само повреден“, вели синот Златко Ристов.

Засега не се знаат причините како настанал пожарот во семејната куќа на Ристови во струмичко Дукатино. Златко сега моли за помош оти нема ниту алишта, ниту каде да спие.