Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски порача дека ги осудува ксенофобичните скандирања на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија што се одржа во саботата вечер во Куманово.
Во гостување на „Вести плус“ на Канал 5 телевизија, тој вечерва нагласи дека Министерството за внатрешни работи веќе постапува по насока на јавен обвинител и како што рече во текот на наредните денови ќе следат процесни дејствија.
„Би сакал најостро да ги осудам таквите провокации и говор на омраза и злоупотреба на спортски настан. Постапуваме по насока на јавен обвинител и во текот на наредните денови ќе следат процесни дејствија кои што се во надлежност на Министерството. Ваков тип на говор на омраза не треба да биде предмет на политичка злоупотреба како што беше во текот на вчерашниот ден“, рече Тошковски.
Министерството за внатрешни работи многупати досега има покажано дека постапува еднакво кон оние кои сквернават и употребуваат говор на омраза, порача тој и потсети на неколку слични случаи на ксенофобија и говор на омраза.
„Министерството многупати досега под мое раководство покажа дека постапува под еднакво кон оние кои сквернават и употребуваат говор на омраза. Би сакал да ги истакнам настаните кои што беа со палењето на македонско знаме, палење на албанско знаме, сквернавење на спрски симболи на спрскиот конзулат во Куманово. Постапивме спрема сите на еднаков начин, ги лишивме од слобода сите кои беа затекнати во рамки на сторување на кривичното дело кое што е поврзано со поттикнување на говор на омраза и кое што е поврзано со поттикнување на меѓунационална нетрпеливост. Покажавме дека МВР може да биде институција која што силно и еднакво ќе одговори во секој еден случај спрема сите оние сторил кои што сакаат да ги злоупотребат правата во нашето општество“, рече Тошковски.