По трагичниот настан во Кочани, во кој животот го загубија 59 лица, околу 190 се повредени, а според последните ифнформации четири од повредените се во тешка состојба, во јавноста започнаа голем број кампањи и донаторски акции за собирање средства за помош на настраданите во пожарот. Повици за помош има од индивидуален и колективен карактер, односно за едно или повеќе лица од настраданите.
Несреќниот случај со дискотеката „Пулс“ отвора сериозно прашање дали на Македонија ѝ недостига фонд кој ќе биде правно регулиран од страна на властите и преку кој ќе се собираат средства за помош од различен тип и карактер по разничен вид на основи.
Во моментов, во Македонија не постои единствен „Закон за собирање на донации“, туку овој процес е регулиран преку комбинација на законски акти и подзаконски мерки, како што се Законот за здруженија и фондации, Законот за добротворност и други релевантни правни прописи, кои обезбедуваат рамка за организирање на донаторски активности.
По трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, се мобилизираа бројни институции и компании за да им помогнат на настраданите и нивните семејства, а има и голем број на хумани лица кои донираат преку платформи или директно на сметките кои се објавени по социјалните медиуми. Помош за настраданите во Кочани ќе има и од Владата на Македонија, која потврди дека ќе одвои по 150.000 денари за секое семејство на настраданите.
Од друга страна до Црвениот крст до сега има собрано околу 35 милиони денари, додека фондот „Помош за Кочани“ има собрано околу 6 милиони денари, но овоа не е единствен ваков финд, а помош пристигнува од видни и влијателни лица од државата и странство, како што е бугарскиот пратеник Манол Пејков собрал околу 35.000 евра или во денарска противредност околу 2 милиони денари, Крис Павловски сопственикот на Рембал донарл околу 1 милион денари, сопственичкиот конзорциум на фК Гостивар околу 1 милион денари, а помош пристигнува и од сите страни, а повици за донации има од голем број на македонски личности од јавниот живот.
Но недостигот на т.н. колективен фонд за помош во итни состојби и случаи не доаѓа единствено до израз само со несреќата во Кочани.
Секојдневно по социјалните медиуми се среќаваат стотици објави на лица со пораки за помош за лекување дома или во странство, било преку објава на трансакциски сметки или преку фондови за собирање на донации кои помагаат голем број на деца, млади и тешко болни лица да собираат илјадници евра, кои им значат трошка спас за живот.
Оттука се отвора прашањето дали македонскиот систем со децении ја занемарува оваа рак-рана на општеството. Во фондот за здравство постои фонд за лекување во странство и преку него голем број на пациенти на товар на државата се лекувале во еминентни клиники во соседството или низ Европа, но дали тие средства се доволни за сите пациенти, ако се земе предвид колку е голем бројот на повици за помош за лекување, што уште еднаш сериозно го отвора прашањето за создавање на услови за креирање на т.н колективен фонд.
Од Тоше за Тоше, хуманитарниот концерт на Тоше Проески кој го обедини македонскиот народ за помош на болно лице до бројни хуманитарни концерти и акции, македонската колективна свест памети многу хумани лица. Историјата на хуманитарните донации и акции во Македонија е долг и комплексен процес, кој се интензивира во 2000-те години, со развојот на технологијата и интернетот, кога донациите станаа полесно достапни, а денес е секојдневие и надеж за голем број на лица.