И ВМРО-ДПМНЕ не поддржува пензионирање подоцна, упатија критики кон СДСМ

од Nikola Popovski
63 прегледи

Покрај опозициските партии, денеска се огласија и од владеачката ВМРО-ДПМНЕ по предлогот на Фискалниот совет за зголемување на старосната граница за пензионирање на 67 години. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека не поддржуваат покачување и тоа е затворена тема за нив.

-Тоа што не сфаќаме е како истите луѓе кои молчеа додека се ограбуваше државата, додека инфлацијата растеше вртоглаво, додека институциите ги распаѓаа или тие лично или нивните најблиски соработници, сега глумат душегрижници, дали мислат дека народот им верува, прашуваат од партијата на Христијан Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ упати критики кон СДСМ дека ги ограбиле и девастирале институциите и државните претпријатија и го продавале идентитетот.

Ваквата реакција доаѓа откако Фискалниот совет (тело оформено во време на владата на Димитар Ковачевски и СДСМ/ДУИ), наводно независно тело што изработува анализи и мислења за макроекономските и за фискалните претпоставки користени за изработка на Буџетот на државата и фискалната стратегија, како „гром од ведро небо“ наеднаш предложи мажите и жените да одат во пензија на 67 години со цел одржување на Фондот на ПИОМ.

-Морам да бидам најреален и најискрен дека во моментот не се прави никакво размислување за покачување на старосната граница. Со уверение тврдам дека во моментов не се прават анализи ниту се разговарало во Владата. Нека бидат спокојни пензионерите. Единствено што работевме во изминативе 100 денови беше да се покачат нивните пензии. Втори и трети чекори за пензионерите е да го подобриме нивниот станадад, вака изјави министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски на 22-ри октомври годинава.

Истиот месец и директорот на ПИОМ, Никола Мемов на брифинг со новинарите рече дека таков предлог нема да излезе од институцијата, освен ако не се одлучи поинаку на Влада која сепак е надлежен орган по ова прашање.

Слични содржини