По неколку месеци забавување на стапката на збогатување ураниум до 60 отсто чистота, Иран сега се приближи до нивото потребно за развој на нуклеарни бомби, објави организацијата за надзор на ОН за нуклеарното оружје (IAEA).
Многу дипломати веруваат дека забавувањето, кое започна во јуни, е резултат на тајните преговори меѓу Соединетите Држави и Иран кои доведоа до ослободување на американските граѓани приведени во Иран на почетокот на оваа година.
Иран веќе има доволно ураниум збогатен до 60 отсто за да направи три нуклеарни бомби. Според теоретската дефиниција на IAEA, околу 42 килограми ураниум збогатен до 60 отсто е количината во која не може да се исклучи производството на нуклеарна бомба.
Иран негира дека планира да развие нуклеарно оружје.
Иран „го зголеми своето производство на високо збогатен ураниум, поништувајќи го претходното намалување на производството од средината на 2023 година“, се вели во соопштението на IAEA, пренесе „Ројтерс“.
„Агенцијата потврдува дека од крајот на ноември 2023 година, стапката со која Иран произведува ураниум збогатен до 60 отсто во овие два капацитета заедно е зголемена на приближно девет килограми месечно“, се наведува во извештајот.