Тренерот на Пари Сен Жермен, Маурисио Почетино го најави реваншот во четвртфиналето од Лигата на шампионите против Баерн во кој неговиот тим има предност од 3:2 од првиот натпревар.
Реваншот е закажан за утре во 21 часот на „Паркот на принцовите“, а Почетино верува дека неговиот тим треба да оди на победа.
„Баерн е тим што игра фудбал и мислам дека нема да го сменат својот стил. Ќе играме и со нашите идеи. Фудбалот е игра и ќе видиме кој ќе ги наметне своите идеи. Ќе се обидеме да го направиме тоа. Баерн е најдобар во Европа и мораме да имаме голема самодоверба, но мора да размислуваме за победа за пласман понатаму. Баерн е шампион и освои шест трофеи, па затоа е фаворит. Ние се стремиме да победиме. За клубот, место во полуфиналето би било одлично“, изјави аргентинскиот тренер.
Почетино очекува неговиот тим да покаже сила и издржливост и да заборави на отстранувањето на Барселона во осминафиналето.
„Зборував за колективен став за чување на топката, но исто така и за способноста. Треба да ги покажеме и двете работи. Барселона е минато. Утре играме против Баерн, најдобриот тим во светот. Јасно е дека тие ќе се обидат да ни создадат проблеми. Во таква ситуација, мора да покажеме сила, солидарност и цврстина“, рече Почетино.
Тренерот на ПСЖ сè уште не знае дали стоперот Маркињос ќе биде подготвен за реваншот, а одлуката ќе ја донесе утре. Тој не е сигурен дали ќе игра Марко Верати, ниту Алесандро Флоренци. Во списокот ќе се најде Моиз Кин, додека Мауро Икарди сигурно ќе го пропушти мечот.