Шведскиот напаѓач Златан Ибрахимовиќ сака да го продолжи договорот со италијански Милан откако клубот потпиша нов договор со Стефано Пиоли.
Пред неколку дена Пиоли парафираше со Милан до 30 јуни 2023 година со опција за уште една сезона.
„Штом Пиоли ќе го продолжи договорот, тогаш и јас ќе го обновам. Тој го заслужува тоа, добро си ја врши работата и мора да продолжи да работи“, изјави Ибрахимовиќ.
Швеѓанецот ги прокоментира и шансите на Милан да ја освои титулата во Италија оваа сезона.
„Сега сме на врвот, но мора да работиме и да одиме напред. Среќен сум што навивачите веруваат во нас и се надевам дека ќе им ја донесеме оваа радост и ќе станеме шампиони. Мораме да освојуваме трофеи, инаку нема смисла“.
40-годишниот Ибрахимовиќ има договор со Милан до крајот на сезоната. Тој забележа шест гола и две асистенции во 12 натпревари за „росонерите“ во тековната кампања.
По 15 кола, клубот од Милано е втор во Серија А со 35 бодови, еден зад лидерот Наполи.