Ибрахими: МИА со објективност ги снабдува медиумите во Македонија

од Vlatko K
114 прегледи

 МИА е типичен пример за формата на информирање на македонските граѓани, за политичките, економските, социјалните, културните, образовните, спортските  случувања, а објективните информации за сите овие случувања овозможија Агенцијата да биде единствениот снабдувач на медиумите, без разлика дали се печатени или електронски, изјави заменик генералниот-директор на Македонската радио-телевизија и новинар со 40-годишно искуство, Харун Ибрахими, во интервју по повод 20-годишнината од основањето на МИА.

По 20 години постоење и професионално информирање, какво е вашето мислење за МИА и што очекувате од натамошната соработка?

Јубилеите, како и обично, служат за враќање на спомените од минатото и за оценување на она што се случило во меѓувреме. МИА е типичен пример за формата на информирање на македонските граѓани за политичките, економските, социјалните, културните, образовните, спортските настани. Токму поради објективните информации за сите овие случувања, МИА стана единствениот снабдувач на другите медиуми, без разлика дали се печатени или електронски.

Мислам дека последните 20 години и предизвиците со кои се соочува оваа медиумска куќа, ќе им послужат на новинарите, водечките кадри и на другите вработени, подобро да го следат патот каде треба да се движи МИА во иднина. Од основањето на МИА, пред 20 години, имаме коректна соработка, и ова се рефлектира на доверба која вработените во МРТ ја имаа за користење на вестите на МИА.

Што мислите дали МИА ја оправда довербата кај јавноста и медиумскиот простор?

МИА го оправда, не еднаш нејзиното основање како медиумска институција. И покрај тоа што била под закрила на владите, таа тоа го оправда со обезбедување на навремени и објективни информации. Можеби имало политички притисоци, но ова најдобро знаат да го оценат новинарите и вработените во Агенцијата.

Сега треба раководството на МИА да создаде услови за понапредни форми на брзо информирање на граѓаните, во рамки на можностите што ги нуди брзиот техничко-технолошки развој.

Дали мислите дека кредибилитетот на МИА расте и дали сте задоволни од содржините што ги нуди?

Мислам дека МИА треба да продолжи да го одржува кредибилитетот создаден во овој временски период. Сепак, има простор за тој кредибилитет да расте. Мислам дека МИА не мора секогаш да биде пренесувач – условно кажано неутрално – за тоа што се случува во нашето општество, но исто така мора да ја игра улогата на коректор на негативните феномени кои секојдневно не опкружуваат.

Со каква порака би и го честитале 20-годишниот јубилеј на МИА?

Раководството на МИА, а особено новинарите, мора прво и пред сè да го почитуваат професионализмот за коректна, слободна, без притисок, брза и избалансирана информација. И покрај фактот што МИА е владина институција – новинарите не треба да ги бранат владините политики, туку државните политики – со што ќе се отстрани епитетот дека МИА ги штити интересите на владејачките партии.

Марсида Петрофски – Трајко