Златан Ибрахимовиќ откри дека имал разговор со Килијан Мбапе за иднината на Французинот. Според напаѓачот на Милан, Мбапе, мора да го напушти Пари Сен Жермен за да се развие како играч.
„Зависи од тоа што сака и што мисли. Јас би отишол во Реал Мадрид, но ако сум тренер на ПСЖ, ќе се обидам да го задржам. Само тој одлучува. Ме праша Мбапе и му реков: „Да бев ти, јас би одел во Реал“. Играв во различни земји и така се развивав. Ако седиш на едно место, полесно е. Ако одиш кај други луѓе, тоа е авантура“, изјави Ибрахимовиќ во интервју за „Екип“.
Златан ја коментираше и ситуацијата на Џанлуиџи Донарума во ПСЖ: „Изненаден сум што Донарума не е стартер во ПСЖ. Знам дека Почетино не е лесен. Не го познавам Навас, но и тој е одличен голман. Имаат двајца феномени на голот. Но, во мојот свет, Џанлуиџи е број еден. Без сомнение. Играв со него и знам за што зборувам“.
Швеѓанецот зборува и за тоа како се чувствува на негова возраст: „Обично, кога имаш 40 години, си дома, палиш пура и се навраќаш на кариерата што си ја имал. Но, сè уште не сум подготвен да запалам пура“.