Министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија, Самка Ибраимоски смета дека со Предлог-законот за употреба на јазиците не е оштетена ниту една етничка заедница.

– Сметам дека се е во ред со него. Ниедна заедница не е оштетена во тој дел и што е многу битно сметам дека нема промени ниту на Уставот на Република Македонија – рече Ибраимоски одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата за објавениот конкурс за стипендии за ученици Роми.
Тој смета дека предложеното законско решение произлегува од Рамковниот договор, кое, според него, никој немал храброст да го спроведе.
Ибраимовски информираше дека вчера е објавен конкурсот за доделување стипендии во пет категории за ученици Роми запишани во прва, втора, трета и четврта година во јавните и приватните средни училишта за учебната 2017/2018 година.
Станува збор за 752 стипендии кои ги доделува Министерството за образование и наука со финансиска поддршка од Ромскиот образовен фонд од Будимпешта за учебната 2017/2018 година.