Идентификуван напаѓачот на лидерот на опозицијата на Јужна Кореја

од Stefanija Kuzmanovska
201 прегледи

Јужнокорејската полиција го идентификуваше напаѓачот на лидерот на опозициската Демократска партија Ли Џае-мјунг како маж роден во 1957 година со презиме Ким, соопшти локалната полиција, додавајќи дека во нападот бил користен нож долг 18 сантиметри, купен преку Интернет.

Полицијата соопшти дека ќе го обвини Ким за обид за убиство, откако тој призна дека имал намера да го убие опозицискиот лидер Ли. Како што беше соопштено, истрагата е во тек, како и проверка дали напаѓачот Ким бил член на некоја политичка партија, пренесува јужнокорејската новинска агенција Јонхап.

Утврдено е дека осомничениот бил присутен и минатиот месец на местото кое тогаш го посетил Ли.

На видеото што беше објавено, осомничениот, исто така, носи хартиена круна со натписот „Јас сум Ли Џае-мјунг“, која сè уште ја носел за време на нападот.

Шефот на државната полиција на Јужна Кореја најави формирање на специјален истражен тим во Бусан за да спроведе темелна и брза истрага за нападот.

Претседателот на главната јужнокорејска опозициска Демократска партија беше избоден со нож во левата страна на вратот од маж кој се претставил како обожавател кој бара автограм по обиколката на градилиштето на новиот аеродром на островот Гадеок.

Ли веднаш бил пренесен, свесен, во Националната универзитетска болница во Бусан, од каде по укажаната помош со хеликоптер бил пренесен во Сеул.

Слични содржини