Властите од Тексас го идентификуваа тешко вооружениот напаѓач кој уби осум лица, меѓу кои и деца, во трговски центар во близина на Далас. Се работи за 33-годишниот Маурицио Гарсија.
Во неделата, тој уби осум лица во трговски центар во градот Ален, Тексас, додека него го уби полицаец кој во тој момент случајно се нашол во близина.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека напаѓачот користел пушка АР-15 и носел борбена опрема во вчерашниот напад.
Инспекторите, цитирани од американските медиуми, велат дека тој можеби имал врски со екстремната десница, што е наведено од еден детал во облеката која ја носел.
Два извора изјавија за Би-Би-Си дека се верува дека дел од облеката е RVDS, што е скратеница од „Десничарски одред на смртта“ – за кој се верува дека е неонацистичка група.
Според извештаите, полицијата извршила претрес во блискиот хотел во кој престојувал Гарсија, како и една куќа во градот.