Идентификувани 24 тела на жртви од катастрофалната железничката несреќа во Грција

од Nikola Popovski
169 прегледи

Досега е извршена обдукција на 43 тела од вкупно 57 загинати во железничката несреќа кај Лариса, во Грција, при што 24 се идентификувани, изјави шефицата на локалната форензичка служба Рубини Леонтари.

Таа додаде дека колегите од Солун, Атина и Ламија дошле да помогнат да се идентификуваат телата.

Според неа, врз основа на протоколот за идентификација се користи и ДНК анализа.

Таа изјавила дека додека специјален тим од Атина и Полициската управа за криминалистички истраги пристигнале да земат примероци од генетскиот материјал, лекарот побарал од четворица припадници на Службата за безбедност во сообраќајот во Лариса да соберат информации од роднините на исчезнатите, пренесе „Екатемерини“.

Леонтари истакнала дека сите загинати се на возраст под 35 години. Голем број тела имаат изгореници, додека некои се јагленосани.

Вкупно 52 роднини дале примерок од ДНК, рече Леонтари, истакнувајќи дека овој генетски материјал, заедно со примероците од телата на починатите, се испраќал во Атина на секои четири часа за да се заврши процесот на идентификација што е можно поскоро.

Брзиот патнички воз, во кој имало повеќе од 350 патници, директно се судри со товарен воз во близина на градот Лариса ноќта меѓу вторникот и средата.

Многу од патниците морале да скокаат од прозорците за да се спасат од пожарот, а температурата во еден вагон се искачила на 1.300 степени целзиусови откако се запалил, соопштија тамошните власти.

Голем број патници во возот биле студенти, кои по продолжен викенд се враќале во Солун.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изјави дека за катастрофата вината е во „трагична човечка грешка“.

Слични содржини