Идентификувани лицата кои го ископале тунелот до судот во Подгорица

од Vladimir Zorba
230 прегледи

Тунелот до депото на Вишиот суд во Подгорица го ископале главно државјани на Србија, кои се идентификувани, а имале и помошници од Црна Гора, изјави во петокот на прес-конференција министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Филип Аџиќ, свикана по повод случајот што ја потресе црногорската правда

Аџиќ рече дека истрагата открила дека во тоа кривично дело учествувале српски државјани: Вељко Марковиќ (32), Милан Марковиќ (53), Дејан Јовановиќ (30) и Владимир Ериќ (32), а во исто време ги објави и нивните фотографии.

„Против тие четири идентификувани лица е поднесена кривична пријава, како и против две непознати лица. Веруваме и дека имале уште најмалку пет соработници“, рече Аџиќ, посочувајќи дека постои одредена поврзаност меѓу оваа криминална организација и лице од Вишиот суд и членови на црногорска криминална организација кои моментално се во затвор.

Иако Аџиќ одби директно да каже за која криминална група се работи, се претпоставува дека станува збор за таканаречениот кавачки клан, чиј водач, Слободан Кашчелан, е во притвор во Подгорица.

Црногорскиот министер за внатрешни работи појасни и дека осомничените ја напуштиле Црна Гора на 11 септември, кога во медиумите беше објавено дека е упаднато во Вишиот суд.

Црногорската полиција кон средината на септември откри тунел долг 30 метри кој водел од подрумот на една станбена зграда до зградата на Вишиот суд во Подгорица, правосудна институција одговорна за најтешките кривични случаи.

Во депото на судот, колку што водеше тунелот, се чуваат стотици илјади докази од бројни судски процеси, меѓу кои и дрога и оружје.

Пописот покажа дека во депото недостасуваат 17 парчиња оружје, но полицијата се сомнева дека криминалците се обиделе да ја сокријат вистинската причина за упадот во Вишиот суд.

Во текот на истрагата, некои судски службеници биле тестирани на полиграф, додека едно лице го одбило тестирањето.

Случајот со тунел го вознемири целото црногорско правосудство, а беа побарани и оставки од првиот човек на црногорското правосудство и полицијата која ги обезбедува правосудните институции во Црна Гора.

Слични содржини