ИДФ пред воениот кабинет претстави план за евакуација на палестинските цивили од Рафа

од Stefanija Kuzmanovska
224 прегледи

Израелските одбранбени сили (ИДФ) пред воениот кабинет презентираа план за евакуација на палестинските цивили од борбените зони во јужниот палестински град во Појасот Газа, Рафа, како и оперативна стратегија за следните чекори, стои во соопштението од кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Армијата „на воениот кабинет му презентираше план за евакуација на населението од борбените зони во Газа, заедно со претстојниот оперативен план“, се вели во соопштението.

Се додава дека владата одобрила испорака на хуманитарна помош за Газа „на начин кој ќе го спречи грабежот што се случи на северот на Појасот Газа, но и во други области“, пишува „Тајмс оф Израел“.

Израел продолжува со плановите за воена офанзива во Рафа, кој го смета за последно упориште на Хамас во Појасот Газа, кој е дом и на повеќе од 1,2 милиони раселени Палестинци кои веќе избегаа од израелските напади на северот на палестинската енклава.

Хуманитарните групи предупредија на потенцијална нова хуманитарна катастрофа бидејќи Рафа е главна влезна точка за помош, а САД и другите сојузници му порачаа на Израел дека мора да избегне да им наштети на цивилите.

Слични содржини