Идната недела ќе се расправа за дисциплинска постапка за Џафери

од Берта Китинска
239 прегледи

Наредната недела на собраниската комисија ќе расправаат за снимката на спикерот на законодавниот дом Талат Џафери.

Претседателот на Комисијата за мандатно-имунитетни работи, Панчо Минов изјавил дека пријавата од ВМРО-ДПМНЕ со доказите е примена и таа во рок од 7 дена ќе биде дистрибуирана до членовите на работното тело, по што веднаш ќе биде свикана седница.

Потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски тврди дека Талат Џафери за него е еден од најдобрите претседатели што досега ги имало во Собранието.

-Не сакам да влијаам бидејќи е покрената постапка, но еве по трет пат ќе кажам Џафери е еден од најдобрите од независноста на Македонија. Знам дека секогаш имал одлична релација со службениците и собраниската служба. Ние со посебен закон ја одвоивме од Законот за администрација. Си имаме посебна служба, ги покачивме платите за над 20 проценти. Се друго е работа на политичка претставка, вели Мисовски одговарајќи на новинарско прашање.

ВМРО-ДПМНЕ поднесе барање до претседателот на собраниската Комисија за деловнички и етички кодекс, да свика седница на која ќе се расправа за аудио снимката на која се слуша како спикерот вика и навредува вработени во службите на Собранието.

-Оваа власт е стручна и вешта по однос на снимки и вештачења. Ако сметаат дека тоа треба да го направиме и дека тоа што го слушнавме не е точно, тогаш да го мериме гласот, фонијата на Џафери каков бил на телевизија, а каков во живо, па нека прават автентично толкување, изјави вчера пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски одговарајќи на прашањето дали ќе има барање од власта за утврдување на автентичноста со контроверзната снимка.

Слични содржини