Премиерот Димитар Ковачевски денеска информира дека следната недела ќе свика состанок со приватните превозници, ЈСП и Градот Скопје со цел да се информира за проблемот што го имаат превозниците.
-Идната недела ќе собереме информации за да бидеме информирани за каков проблем се работи. Ќе бидат повикани сите три страни. Веројатно во име на Градот ќе дојде градоначалник или претседател на Совет, не знам кој ги претставува во моментов. На крајот сите доаѓаат во Владата за да се реши проблемот. Секаде каде што Владата може да помогне, во која било општина, без разлика од која политичка партија доаѓа градоначалникот, ние имаме обврска тоа да го направиме во рамки на можностите и надлежностите кои што Владата ги има. Таков состанок очекувам да се случи и на него прво да се информираме за каков проблем се работи, бидејќи во моментов не знаеме меѓу страните, рече Ковачевски.
Директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски денеска рече дека можеби ќе побараат од Влада на закажаниот состанок да не се појават преставници на Градот.
-Искрено нема што да покажат различно од документите што ги имаме ние кои се релевантни. Ќе побараме фактите да бидат изнесени и од Владата или премиерот или некој што тој ќе го задолжи. Ако некој во оваа држава смета дека треба да му се дозволи на градоначалникот и понатаму да провоцира вакви состојби, денес јавнио превоз, утре можеби нешто друго-тогаш е недозволиво, истакна претпладнево Јовановски.