Идната норвешка кралица Мете-Марит: „Се извинувам за пријателството со Епстин“

Норвешката престолонаследничка Мете-Марит во петокот повторно се извини поради пријателството со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, во еден од неколкуте скандали што ја погодија кралската фамилија во оваа нордиска земја.

од desk4
19 прегледи

Норвешката престолонаследничка Мете-Марит во петокот повторно се извини поради пријателството со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, во еден од неколкуте скандали што ја погодија кралската фамилија во оваа нордиска земја.

„Се извинувам и за ситуацијата во која ја доведов кралската фамилија, особено кралот и кралицата“, изјави Мете-Марит Тјесем Хејби во соопштение објавено од кралската палата.

Новите досиеја поврзани со Епстин, кои минатата недела ги објави американското Министерство за правда, вклучуваат обемна електронска преписка меѓу Мете-Марит и Џефри Епстин, по 2008 година, кога тој беше прогласен за виновен за сексуални злосторства врз деца. Мете-Марит, сопруга на синот на кралот Харалд – престолонаследникот Хокон, и претходно се извини за одржувањето контакти, наведувајќи дека покажала лоша проценка.

Норвешкиот премиер во понеделникот изјави дека Мете-Марит и други истакнати Норвежани, чии имиња се споменуваат во најновообјавените документи за Епстин, треба да дадат повеќе детали за своите контакти со него.

Кралската фамилија на Норвешка веќе се соочува со неколку предизвици. Мариус, синот на Мете-Марит од врска што ѝ претходела на бракот со престолонаследникот Хокон, во моментов е на судење по обвиненија за силување и семејно насилство.