Иднината на менаџерот Ерик тен Хаг во Манчестер Јунајтед е сè понеизвесна. Тимот оваа сезона настапува далеку под очекувањата и клубот се повеќе ја разгледува можноста да го замени Холанѓанецот на лето. Победата над Евертон викендов малку го намали притисокот врз стручњакот, но тој ќе има уште многу работа пред крајот на сезоната доколку сака да ја задржи работата.
Првично, новиот шеф на „црвените ѓаволи“, Сер Џим Ретклиф, најави целосна поддршка за Тен Хаг. Откако официјално ја презеде спортската и техничката контрола на клубот, откупувајќи 25% од неговите акции, милијардерот постепено ја менува позицијата кон Холанѓанецот, па дури се шпекулира дека на „Олд Трафорд“ размислуваат за различни имиња за негова замена, според CaughtOffside, повикувајќи се на извори во клубот.
Тен Хаг треба да промени нешто, и брзо, ако сака да ја задржи својата работа. Шефовите очекуваат драматична промена во играта и резултатите на тимот во преостанатите натпревари до крајот на сезоната. Целта за „црвените ѓаволи“ е да направат се за да се изборат за место во топ 4 и учество во Лигата на шампионите.
Сепак, во меѓувреме клубот ги разгледува и потенцијалните кандидати за замена на Тен Хаг доколку се разделат со него на лето. Веќе во декември се споменуваа имињата на Антонио Конте и Хулен Лопетеги, а други луѓе во клубот лобираат за Томас Тухел и Зинедин Зидан. Во последните недели беше остварен контакт и со тренерот на Интер, Симоне Инзаги, но тој категорично ја одби понудата и покажа лојалност кон „нероазурите“.