ИДСЦС бара граѓански организации да учествуваат на лидерските средби

од desk3
133 прегледи

idscs

Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) повика на следните лидерски средби организирани за преговори за излез од политичката криза, покрај претставниците на меѓународната заедница, како набљудувачи да бидат вклучени граѓански организации и движења.
„Улогата на граѓаните е важна во осигурување дека потребните реформи за демократизација на општеството ќе бидат одржливи и долготрајни. Сметаме дека граѓаните се засегната страна во процесот на демократска трансформација и мора да бидат вклучени. Потсетуваме дека суверенитетот во Република Македонија произлегува и им припаѓа на граѓаните“, се вели во соопштението од ИДСЦС.

Според ИДСЦС, политичките партии кои во наредниот период ќе треба да ја градат Републиката и да спроведат длабоки реформи, мора да ја прифатат значајната улога која граѓаните, нивните движења и граѓанските организации ја имаат во истиот тој процес. Тие сметаат дека граѓанските организации можат да помогнат со совети и со набљудување на процесот на реформите кои што претстојтат.

„Предлагаме на лидерските средби, како и идните форми на разрешување на политичката криза, да присуствуваат двајца претставници на граѓанските организации и на граѓанските движења. Предлагаме, овие претставници да ротираат од оние кои се занимаваат со демократизација, добро управување и со човекови права. Причината за ваквиот избор е бидејќи во овие сектори треба да се направат првите клучни чекори и најдлабоките реформи.

Ги повикуваме организациите што се заинтересирани да учествуваат во овој процес да не контактираат, а од листата на пријавени ИДСЦС ќе состави редослед по случаен избор и ќе го објави и достави до повиканите политички лидери и амбасадори“, велат од институтот и изразија надеж дека политичките лидери ќе разберат дека уште од овој момент граѓаните мора да бидат вклучени во разрешување на кризата.

 

Извор: МЕТА