ИДУЕП дебата: Младите мора да бидат рамноправен партнер во процесите на одлучување

од Берта Китинска
251 прегледи

Поквалитетно образование, консензус меѓу партиите за сите прашања кои ги засегаат младите, како и вклучување на секој млад човек во процесите на носење на одлуки – беа само дел од заклучоците од првата од серијата јавни дебати на тема „Што сакаат младите?“ кои ги организира Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи.

Ме радува што успеавме да поттикнеме се повеќе млади луѓе гласно да ги бараат своите права, односно нивните барања да бидат почитувани и прифатени од сите надлежни институции. Еден таков важен потег беше и компромисното решение за државната матура кое како Сојуз го постигнавме во дијалог со Владата, потенцираше на почетокот на јавната дебата Бленди Ходаи, основач на Сојузот на средношколци и активист.

„Верувам дека она што го изградивме како млади активисти, а кое се темели врз мултикултурното обединување на младите и борбата за нашите барања и цели ќе продолжи и во иднина бидејќи е од интерес на младите, односно на целата земја. Секоја млада личност има обврска да биде активна со цел заедно да придонесуваме во општеството за да имаме подобар стандард. А, желбата за иселување кај младите ќе се смени само ако ние младите сме активни и неуморно се бориме за заедничките цели кои ги имаме, бидејќи никој друг тоа нема да го направи за нас или во наше име“, истакна Ходаи.

Сите влади прават напори за реформи во образованието, ама го избрзуваат процесот, без да ги вклучат сите страни и без да ги применат предлозите кои ги даваат сите чинители, посочи Александар Каратошо, Млад европски амбасадор од Западен Балкан.

„Ќе го споменам примерот од претходно, со воведувањето на деветолетка, или, пак, актуелниот пример со реформата за дигитализација на учебниците. Надлежните институции мора да имаат инклузивен процес за секоја реформа. Ние како држава немаме консензус од сите засегнати страни за важни теми како што се образованието, здравството и слично. Сведоци сме дека се повикуваат младите на состаноци, ние даваме предлози и идеи, но на крајот речиси ништо од тоа не се прифаќа, туку изгледа како да се викнати младите со единствена цел да се прикаже дека формално биле дел од процесот на одлучување. Ако не ги промениме работите во оваа сфера, иселувањето на младите ќе бележи погубни статистички бројки“, рече Каратошо.

Целиот процес на образование мора да се реформира бидејќи учиме само како да учиме, наместо да стекнуваме вештини потребни за живот и работа. Мора да им се дадат можности на младите, а тие бараат шанса да се покажат, па макар и некогаш и да погрешат. Дефинитивно се потребни еднакви можности за сите, како и инклузивно образование, каде наставниот кадар ќе биде во улога на ментор/ка на секој ученик или студент смета Дена Сачмароска, младинска активистка.

„Неопходно е да го подобриме нашиот образовен систем со цел младите да не сакаат по секоја цена да одат во странство. Тоа значи дека треба на секоја млада личност да ѝ се овозможи истиот квалитет на едукација. Младите се иднината на државава – тие утре ќе бидат идните лидери. Затоа, мора сите да се еднакво информирани, да имаат еднаква шанса за стипендија, односно секоја друга поддршка да им биде овозможена“, истакна Сачмароска во дел од своето излагање на јавната дебата на ИДУЕП насловена „Што сакаат младите?“.

Сакаме наместо умови, надвор да извезуваме успешни младински приказни создадени во Македонија. А, бидејќи живееме во време кога сите информации се онлајн, пристапот до дигитални уреди и квалитетен интернет не смее да биде привилегија, туку можност и придобивка буквално за секој млад човек, истакна младинскиот активист, Марио Паунов.

„Дали и понатаму генерациите млади својата иднина исклучиво ќе ја гледаат надвор од границите на државата зависи од тоа какво општество ќе креираме сите заедно. Потребно ни е општество во кое има место за секого, односно простор каде гласот на младите луѓе ќе биде еднакво слушнат и вреднуван. Како едно од основните барања за напредок на младите е токму образовниот процес и неговото постојано унапредување до степен на квалитет како во европските земји или САД. Тука можеме заеднички со надлежните институции многу повеќе да придонесеме, а еднаквиот пристап до квалитетен интернет и уреди за следење на наставата и учењето е една од основните придобивки која моја да ја има секоја млада личност во 21 век“, посочи Паунов како еден од заклучоците на јавната дебата „Што сакаат младите?“.

Во делот на дигитализација на образованието, учесниците се согласија дека овој процес несомнено ќе влијае за подобар квалитет на образованието, особено за намалување на непотребните хартиени процедури и трошоци за запишување во училиштата, како и заверка на семестри на факултетите, а на младите ќе им даде повеќе шанса и простор да се посветат на своето образование и развој, наместо да го трошат времето на на бирократски процедури. Истовремено, тие потенцираа дека дигитализацијата во образовната сфера мора да остане право на избор за секој ученик или студент, бидејќи само на тој начин може да се почитува волјата на секоја личност и со тоа да се создаде вистинско инклузивно образование.

„Што сакаат младите?“ е првата од серијата јавни дебати на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) кои имаат за цел подигнување на јавната свест за вклучување на младите во процесите на одлучување и владеење, особено кај општествените чинители. Преку овие активности, ИДУЕП цели да придонесе кон идентификување на потребите, барањата и очекувањата на младите луѓе во Македонија со цел институциите да градат успешни и инклузивни младински политики, првенствено преку вклучување на секој млад човек во обликувањето на својата иднина.

Слични содржини