Игра на тронови: Тензиите меѓу Иванка и Меланија Трамп

од Stefanija Kuzmanovska
359 прегледи

Американските медиуми деновиве пишуваат за наводниот конфликт меѓу првата дама на САД, Меланија Трамп и ќерката на претседателката на САД, Иванка Трамп. Според нив, овие две дами се во постојана борба за моќ и влијание врз претседателот, но и за влијание внатре во Белата куќа. Информациите за наводните несогласувања во рамките на претседателското семејство прва ги изнесе новинарката Мери Џордан, која напиша книга за тоа именувана „Уметноста на нејзината работа: Нераскажаната приказна на Меланија Трамп“.

Во нејзината потрага по власт во првите денови од претседателството на нејзиниот татко, Иванка Трамп се обиде да ја преименува канцеларијата на Првата дама на Белата куќа во „Канцеларија на првото семејство“, но Меланија Трамп остро го блокираше и го осуди овој потег, што е само еден од скандалите од животот на Меланија, откриени во новата книга на новинарката од „Вашингтон Пост“, Мери Џордан.

Судејќи според новата книга, Меланија и Иванка од почетокот имале затегнати односи, а на првата дама наводно најмногу ѝ пречела преголемата амбиција на ќерката на претседателот од првиот брак, поради што во еден момент ја нарекла „змија“.

Во отсуство на Меланија, која не се преселила веднаш во Белата куќа, Иванка, како најстара ќерка на претседателот, се борела за влијание. Наводно, таа сакала да го заземе канцеларискиот простор кој традиционално е резервиран за првата дама.

„Кога Меланија не е тука, Иванка го користеше приватниот театар со кадифени црвени седишта и уживаше во другите луксузи на Белата куќа. Некои велеа дека таа ја третира нејзината приватна резиденција како да е нејзин сопствен дом. На Меланија не ѝ се допадна тоа. Кога таа и нејзиниот син Барон конечно се вселија, таа постави цврсти граници“, се вели во книгата.

На Иванка, од друга страна, ѝ пречеше желбата на Меланија Трамп да добие писмена потврда дека нејзиниот син Барон ќе има поголемо финансиско наследство од другите деца – односно, од децата на Трамп од неговиот прв брак.

Новинарката во книгата опиша и дека Меланија и Иванка суптилно се навредуваат, и дека Меланија ја нарекува Иванка „принцеза“ затоа што е размазена, а Иванка ја  нарекува Меланија „портрет“ затоа што таа „зборува исто колку и слика на ѕид“. Иванка наводно се обидува да ѝ напакости на Меланија и да го загрози нејзиниот однос со Доналд, полнејќи ја главата на нејзиниот татко со негативни коментари за неа.

Претставниците на односите со медиумите, кои ја застапуваат Меланија Трамп, наведуваат дека овие наводи во книгата се чисти измислици.

Слични содржини