Беше лето на големи промени во Ливерпул откако Јирген Клоп го напушти тимот по девет години на „Енфилд“. На чело на „црвените“ застана Арне Слот, кој импресионираше на чело на Феенорд. Но, сега за сега, новото лице на Ливерпул е повеќе мистерија што треба да почне да се открива викендот кога ќе го одиграат првиот голем тест во САД против Бетис.
Едно од локалните момчиња, Кертис Џонс, го пофали стилот на Арне Слот и донесе малку повеќе јасност за тоа што се случува во тимот и што може да очекуваат навивачите. Ливерпул досега беше доста пасивен на трансфер пазарот, но медиумите на Островот тврдат дека тоа е сосема намерно, бидејќи холандскиот тренер сака прво да го запознае својот тим и дури потоа да одлучи за конкретни цели на трансфер пазарот.
„Арне Слот е неверојатен. Ова е веројатно најсреќен што сум бил во однос на начинот на кој играм и стилот што ми одговара. Арне Слот има многу јасен план, многу е посветен и има око за фини детали. Тој има одреден начин на игра и јасно е дека ќе треба време бидејќи тоа е голема промена, но сите во составот се свесни дека го имаме потребниот потенцијал. Порано се беше набрзина, моравме веднаш да ја вратиме топката, игравме премногу директно, работите постојано се менуваа горе-долу. Сега сакаме да ја имаме топката цело време и целосно да го убиеме противникот. Беше тешко кога дојдов како млад и морав да се навикнам на овој стил, но морав да се адаптирам. Сега се чувствувам повеќе како себеси, можам да играм со топката, тоа ме возбудува. Сега централниот играч за врска ќе биде срцето на тимот. Мо Салах секогаш ќе постигнува гол, но ние треба да бидеме комотни во поседот, да ги градиме нападите мирно и да не брзаме како во минатото“, изјави Кертис Џонс.