Македонија попладнево изгуби од Украина со 2:0 (1:0) на „Ерет Арената“ во Прага и речиси ги загуби шансите за пласман на ЕУРО 2024 година. Нашите знаеја дека не смеат да го загубат овој дуел од групата Ц доколку сакаат да останат во трка, па затоа играа отворено, имаа и можности, но натпреварот го реши голот на Судаков во 30. минута, додека голот на Караваев дојде во последната минута од судиското надополнување.
Избраниците на Благоја Милевски сега ќе мораа да ги победат и Англија и Италија, кои ги изненадија во Скопје, но можеби и тоа нема да им биде доволно бидејќи ќе мора да чекаат кикс на другите во групата.
Голманите Трубин и Димитриевски имаа неколку импресивни одбрани на мечот, инаку мрежите ќе се тресеа повеќе пати. Голманот на Македонија ги одбрани ударите на Довбијк и Мудрик, но во 30-та минута немаше среќа. Георги Судаков шутираше од 16 метри, топката некого го допре на патот кон голот, го смени правецот и заврши во мрежата.
Голот ги крена нашите, по што Трубин го одбрани ударот на Миовски, а потоа и на Стефан Ашковски. Во вториот дел, голманот на Бенфика повторно добро одбрани, овој пат шутот на Дарко Чурлинов.
Ѕвездата на Челзи, Мудрик можеше да го реши мечот во 59. минута, но Димитриевски му влезе во шут од околу пет метри, а Матвилиенко две минути подоцна ја погоди гредата. Во 81. минута Миколенко извонредно шутираше од 20 метри, но Димитривски се издигна и со помош на гредата ја прати топката во корнер. На крајот, Караваев од 40 метри виде дека голманот е излезен и ја испрати топката во празната мрежа, со што ги постави конечните 2-0.
Украина сега е втора на табелата од оваа група со 10 бода од шест меча, зад неприкосновената Англија со 13 бода од пет меча и пред европскиот првак Италија, кој има седум бода од четири меча и вечерва мора да ја победи Малта. Македонија има седум бода од шест натпревари.