Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп ги пофали своите играчи по убедливата победа од 4:0 над Манчестер Јунајтед. „Црвените“ ја продолжуваат импресивната серија на добри резултати и излегоа на врвот во Премиер лигата.
„Прекрасна вечер за сите кои го носат Ливерпул во своите срца. Не очекував постојано да го контролираме натпреварот, но во 70 минути бевме подобриот тим. Пред паузата доминиравме, а потоа ни требаа 15 минути да се вратиме на вистинскиот пат“, изјави Клоп.
„Контрапресот, брзината и желбата што ја покажаа играчите беа исклучителни. Навистина многу силен натпревар и прекрасни голови. Сите сме среќни“, продолжи Германецот.
„Противникот се смени во второто полувреме и почна да не притиска повеќе. Но, ние сме многу добри во прилагодувањето на таквите промени. Учиме на самите натпревари, иако понекогаш е потребно малку повеќе време. Прикажавме фудбал од највисока класа, беше убаво да се гледа. Од првата секунда постапивме со голема страст. Садио Мане и Мохамед Салах имаат одлична врска на теренот. Можеа да постигнат повеќе голови“, изјави Клоп.
Неговиот тим ги доби двата натпревари против Јунајтед во Премиер лигата со вкупно 9 постигнати и ниту еден примен гол. „Црвените ѓаволи“ немаат полош вкупен резултат против ниту еден противник во првенството од сезоната 1892/93, кога двата меча против Сандерленд ги загубија со гол разлика 0:11.
„Вакви работи не се случуваат често. Ова е необична ситуација“, изјави Клоп.