Игрите во Пјонгчанг стартуваа со „мир и обединување“

од Vladimir Zorba
267 прегледи

Спектакуларна церемонија, посветена на мирот и обединувањето, даде старт на 23. Зимски олимписки игри во Појнгчанг, Јужна Кореја.

Отворањето започна точно во 12 часот по македонско време, а повеќе од 2.000 луѓе учествуваа во него.

Спектакуларното шоу покажа едно патување назад во времето на пет деца, кои ги симболизираат петте елементи на Земјата – оган, вода, дрво, метал и земја. По целиот пат, децата беа придружувани од белиот тигар Сухоранг, кој е една од двете маскоти на Игрите. Другата е Црната мечка – Бандаби.

Македонската делегација предводена од Ставре Јада продефилира на свеченото отварање. Покрај Јада, Македонија на ЗОИ 2018 ќе ја претставуваат Викторија Тодоровска во нордиско скијање и Антонио Ристевски во алпско скијање, кој третпат ќе учествува на зимски игри.

Во парадата се вклучија и спортистите на Русија, кои излегоа со олимпиското знаме. Тие немаат право да носат национални знамиња и симболи на татковината, а освен тоа при нивен успех нема да се слуша руската химна поради казната што МОК ја наложи на Русија поради големата шема со прикривање и манипулација на позитивни допинг примероци во Сочи 2014.

Обединетата екипа на Северна и Јужна Кореја помина низ парадата. Спортистите на двете страни продефилираа со знамето на Корејскиот полуостров, кој го носеа истовремено двајца спортисти – по еден од двете земји.

Во Пјонгчанг ќе учествуваат вкупно 2.255 спортисти. За прв пат на најголемиот зимски спортски форум ќе има атлетичари од Малезија, Сингапур, Еквадор, Еритреја, Нигерија и Косово. Ќе има и од Северна Кореја, која ќе биде претставена од 22 спортисти.

Слични содржини