Неколку илјади верници и приврзаници на Македонската православна црква вчера протестираа пред платото на Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје против предлог-законите за родова еднаквост и матична евиденција. Дел од нив носеа икони и крстови, додека други вееја македонски знамиња, а можеше да се забележат и неколку руски.
На поставената бина беа присутни повеќето од високодостојниците од МПЦ-ОА, како и бискупот на македонската Католичка црква, Киро Стојанов. Главното обраќање го имаше поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.
-Се собравме да му кажеме „да“ на животот и да ја објавиме светоста на семејството, оформено од еден маж и една жена. Да кажеме дека ќе ги браниме децата од неприфатливи и безобразни нови идеологии и да кажеме дека црквата ниту сега ниту некогаш отфрлила некој конкретно. Ова не е бунт против личност, туку против гревот во кој запаѓа нашиот свет, рече архиепископот Стефан.
Според него, црквата е свесна за намерите на организациите и движењата кои влегле во државните институции и „пишуваат закони како двата несреќни закона – за родова еднаквост и матична евиденција, кои целат не само да ја секуларизираат црквата, туку и да ја присилат да зборува со некојси светски поредок кој им е туѓ на апостолите, светите оци и светото Евангелие“.
Протестот беше најавен ден пред одржувањето на Скопје Прајд 2023, кој се одржа изминатиот викенд.
Уште вчера Исламската верска заедница соопшти дека поради празникот Курбан Бајрам, нема да учествуваа на протестот, но остануваат на ставот дека „мора да се почитуваат вредностите на традиционалното семејство“.
Платформата за родова еднаквост и Мрежата за борба против дискриминацијата го осудија повикот на Црквата за протест, кој според нив е само за да се изврши притисок од јавноста за повлекување на двата предлог-закони.
Собирот помина без инциденти во мирна атмосфера.